Заев до транспортерите: Државата плати кога беше тешко, сега вие треба да понесете обврски за зелената агенда
Премиерот убедува дека последната владина мерка се однесува за меѓународниот транспорт, но трснспортерите не се сигурни дека тоа е така бидејќи се помага меѓународниот превоз на патници.
Предвидените 3,5 денари еколошка такса на нафтата и дериватите нема да предизвикаат инфлација, а за транспортерите вчера донесовме одлука за помош на меѓународниот транспорт и веќе е даден налог средствата да се исплатат пред сѐ во патничкиот сообраќај како најпогоден.
– Државата беше тука да плати кога беше тешко за транспортерите. Дефинитивно 3,5 денари нема да влијаат ништо посебно, имајќи предвид дека сите рамноправно и секој соодветно понесува дел од обврската за зелената агенда и заштитата на здравјето на граѓаните. Убеден сум дека со тоа што, сепак, цената на нафтата е најевтна на европскиот континент е сериозен аргумент за сите. Вчера на владина седница донесовме одлука за помош на меѓународниот транспорт од пакетите мерки, подготвени се конечните списоци, даден е налог да се вбризгаат парите во транспортерите, пред сѐ во патничкиот сообраќај како најпогоден, но истовремено транспортерите треба да знаат колку државата е проевропска и помодерна, толку ќе дава и поголеми економски можности, меѓу кои и за нив – објасни Заев.
Од транспортната асоцијација Макам-транс велат дека не се сигурни дека вчерашната владина одлука ќе важи и за транспортерите, бидејќи како што е објавено таа е наменета за меѓународниот превоз на патници не и за превоз на стоки.