Заев: Денеска нема друг датум за избори освен 21 јуни, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да креираат нова политичка криза
Тој додаде - се бараат извештаи од Комисии, за да се купува време, се бара Комисијата да гарантира дека ќе има нула починати и по 3 до 4 заразени на крајот на август ! Ова е само купување на време заради стравот да се излезе на избори - рече Заев.
Бегање од изборите нема! Согласно сегашната вонредна состојба која завршува на 30 мај, единствениот правен акт е уредбата на Владата за изборниот процес, и тој датум – 22 дена по крајот на вонредната состојба е 21 јуни. Значи подгответе се за избори тогаш, но тоа не значи дека нашата одлука е конечна. Нека каже еден кој е друг акт со кој без кршење на Уставот може повторно да се закажат изборите? Изборниот законик предвидува јасни услови како се дополнува избирачкиот список. Нема да прифатиме на лидерски средби да се крши Уставот – изјави Зоран Заев, лидерот на СДСМ по средбата кај претседателот Стево Пендаровски.
Тој кажа дека консензусот денеска не бил постигнат да се организираат избори во првиот соодветен термин, поради несогласување на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој, како што нагласи Заев, бил исплашен од изборите. Иако, според Заев, сите податоци и аргументи укажуваат дека се создадени услови и сега е вистински момент да се излезе на избори, и тоа од здравствен, економски и демократски аспект. Тоа, како што рече, го потврдуваат и препораките од Комисијата за заразни болести, како и законските рокови, уставните одредби, дури и мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.
Заев нагласи дека сите датуми мора да се правно регулирани, а „ако може Мицкоски да гарантира дека во август или на 13 септември ќе нема ниту еден заболен од вирусот, подготвени сме да разговараме и за тоа.
– Затоа денеска нема друг датум за избори освен 21 јуни, а сите политички партии поднесовме и листи кои Државната изборна комисија ни ги прифати. Ние сме број 3 и граѓаните може да бираат! – рече Заев кој не одговори дали ќе прифати СДСМ да оди на избори на 21 јуни и ако опозицијата ги бојкотира.
– Неодговорност, незрелост и мислење само на партиската фотеља, не доведе до тоа да не дојдеме до консензус – рече Заев и додаде – се бараат извештаи од Комисии, за да се купува време, се бара Комисијата да гарантира дека ќе има нула починати и по 3 до 4 заразени на крајот на август! Ова е само купување на време заради стравот да се излезе на избори!
Лидерот на СДСМ додаде дека „не видел досега вакво однесување кое е незрело и неодговорно и е на штета на граѓаните и на државата“.
– Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ сакаат да се одолговлече здравствената криза и да креираат нова политичка криза. Имаме договор пред граѓаните и пред државата. Има потреба од целосен мандат на институциите и пред да настапи новиот бран на вирусот, за којшто денеска предупредија и од СЗО. Треба враќање на новото кормално и заштита на здравјето на граѓаните им соодветен начин. Сметаме дека можеме да организираме избори. Техничката Влада, чија првенствена улога е да организира избори паралелно со мерките за заштита на граѓаните треба да ги рестартира и предизборните процеси за организирање слободни, фер и демократски избори, со целосна заштита на здравјето на граѓаните. Очекувам да се подготват и сите процеси на институции задолжени за изборите, пред се на ДИК – рече Заев.
Тој ја искоментира изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со која тој им се извини на граѓаните бидејќи „ги замарале граѓаните со датум за избори наместо да се грижат за нивното здравје“.
– Сакам да потсетам дека лидерските средби се на негово барање, и претходната и оваа. И тој за ова им се извинува на граѓаните, Господ да чува и да брани – нагласи Заев.