Заев ја разводни одговорноста – ќе чека резултати па ќе пресече кој ќе „лета“ поради бегството на Мијалков

Не е точно дека првиот полицаец веќе ја депонирал оставката во кабинетот на премиерот, вели за Плусинфо висок функционер од Владата.

2,980

Премиерот Зоран Заев засега нема да побара оставка од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за бегството на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, вели за Плусинфо висок функционер од Владата.

Функционерот тврди дека не е точно дека првиот полицаец веќе ја депонирал оставката во кабинетот на премиерот. Според него, Заев ќе ги чека резултатите од надлежните во следните неколку дена. Доколку нема резултати за бегството на Мијалков, функционерот вели дека како што веќе најавил премиерот, одговорност ќе има. Но не се прецизира дали Спасовски ќе ја понесе одговорноста за бегството на ексдиректорот на УБК, односно дали тој ќе биде разрешен од функцијата, дали Заев ќе побара оставка од него или и од други одговорни лица.






Во медиумите веќе се лиферуваа информации дека Спасовски поднел оставка и дека во Владата имало жестока кавга за бегството на Мијалков. Владата соопшти дека Заев повикал на средба двајца министри, неколку директори на агенции, први лица во обвинителствата и судовите. На средбата, премиерот барал детални информации за чекорите кои институциите ги презеле пред и за време на бегството, како и за можните пропусти во постапките.

Заев, како што посочуваат од Владата, состанокот го свикал со цел директно и лично да се информира за сите аспекти на случувањата изминатите денови, за истрагата и за чекорите кои институциите ги преземаат, а 24ТВ објави дека на средбата имало високи тонови, додека институциите покажувале со прст една на друга. Заев бил видно лут, па дури и се заканил дека доколку не се пронајде Мијалков, ќе има итни разрешувања, а од останатите јавно ќе побара одговорност.

„Премиерот стои цврсто на неговите јасни и јавно изнесени позиции дека сите надлежни институции, согласно своите надлежности имаат обврска да го лоцираат лицето Сашо Мијалков. Премиерот порачува дека граѓаните очекуваат детално објаснување, дека институциите се должни да дадат јасни одговори на сите прашања за овој случај и дека не се можни компромиси со правдата и одговорноста,“ соопштија од Владата.

Заев вчера изјави дека ќе бара одговорност за бегството на Мијалков.

– Јавноста е информирана дека синоќа Судот донел одлука за изрекување мерка притвор за Сашо Мијалков, којшто се очекува да биде осуден во пресуда согласно предметот „Таргет-Тврдина“ до крајот на оваа недела. Исто како и целиот наш народ, така и јас, сум разочаран поради тоа што лицето не е пронајдено и не е приведено. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат Сашо Мијалков. Убеден сум дека тоа може да се спроведе, очекувам детални информации од надлежните институции, како и детали со истрага од самиот случај од Судот и од Јавното обвинителство. Нашиот народ очекува расветлување на ваквиот случај, и секако, одговорност доколку не се спроведе судското решение за ставање во притвор на Сашо Мијалков – изјави вчера Заев.

Одговорност од Спасовски, но и од Заев и целата Влада веќе побара опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Одговорност побараа и владините партнери Беса и Демократски сојуз, кои обвинија дека системот не функционира, а за тоа одговорноста ја посочија кон премиерот Заев.

Поврзани содржини