Заев ја раскажа животната приказна за српски Курир: Продавав лубеници, а првите милиони ги заработив од сушени пиперки
Премиерот открива и како сака да го памтат граѓаните и неговите деца.
Премиер Зоран Заев за српски Курир ја раскажа својата животна приказна. Тој открива дека во младоста продавал лубеници, пиперки и домати на пазарот до Горњи Милановац каде што ја сретнал и првата љубов Јелена, но и дека името и првите заработени милиони му се повразани со Србија.
– Првата голема заработка 2,4 милиони марки е од црвен пипер, кој го сушевме во Струмица, и му го дадовме на „Хоргош“ за производство на сушен црвен пипер. Во 2001 година, во Суботица, преговаравме за цената, квалитетот, стандардите. Договорот падна, профитот беше 2,4 милиони марки. И со тој капитал купивме циглана – вели Заев.
Заев вели дека и како политичар нема резерви кон Србија.
– И кога ќе го прашате моето семејство од каде е создаден капиталот – тој е создаден од пазарот во Горњи Милановац и од српските фабрики. И син ми и ќерка ми го знаат тоа, а камоли постарите членови на семејството. И сега нека ми каже некој српски политичар дека Заев има резерви кон Србија – додава Заев.
Тој додава дека многу нешта се поврзани со Србија.
– Моето име е поврзано со Србија, мојата младост е поврзана со Србија, сè што направивме, целиот семеен капитал е поврзан со Србија. Првата девојка ја имав во Горњи Милановац. Убава Јелена. Ја запознав едно лето додека продаваше лубеници, пиперки, домати и краставици на пазарот во тоа место. Првиот дополнителен профит го заработив со продажба на детергент за перење алишта од Србија, и првите милиони кога продавав суви пиперки во Србија – вели Заев.
Тој додава и дека факултетот го завршил по налог на неговиот татко и чичко како и што влегол во политиката. Заев зборува и за тоа по што сака да биде запаметен.
– Македонците и граѓаните од сите други националности ќе кажат дека кога Зоран Заев беше премиер, Северна Македонија стана членка на НАТО. И се надевам дека ќе започнат преговорите со ЕУ. Исто така се надевам дека ќе разговараат за тоа како социјалната помош е зголемена за триста проценти. Значи, не три, не триесет, туку триста проценти. Како се зголеми просечната плата за 70 проценти за неколку години, како се зголемија пензиите … – вели Заев.
Премиереот открива и дека семејството е тоа што го прави богатството и дека негова пасија не се скапи коли туку моторите и музиката од екс Југославија кои го опуштаат.