„ЗАЕДНО ЗА ИНТЕРНЕТ БЕЗ ОМРАЗА“ Телеком и УНИЦЕФ креираа кампања со младите

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком имаат за цел е да ги вклучат децата и младите во борбата против некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.

53

УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија организираат серија работилници со деца и млади за заедничко креирање комуникациска кампања против врсничкото онлајн насилство и говорот на омраза на интернет. За време на работилниците кои започнаа викендов, 30 деца и млади учествуваа во групни креативни сесии за конципирање кампања и развој на пораки.

– Адолесценцијата е најдобриот период за стимулирање на креативното размислување. Ова е, исто така, најдобрата возраст за да научите како да решавате проблеми и да се грижите за другите. Затоа сум среќна што гледам како младите луѓе се ангажираат и ќе се борат против еден од најголемите предизвици што тие самите го идентификуваа – врсничкото онлајн насилство  и говорот на омраза – рече Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.






Како генерација која поминува многу време на интернет, младите се под најголема закана од говор на омраза и врсничко онлајн насилство. Станува збор за феномен на современото општество кој предизвикува сѐ поголема загриженост и проблеми за младите, но и за нивните родители, старатели и воспитувачи.

Една неодамнешна национална анкета на U-Report покажа дека во изминатата година, 24% од младите испитаници почувствувале закана на интернет, секој трет испитаник бил жртва на врсничко онлајн насилство кое главно се случува на социјалните мрежи (71%) и во четовите (12%).

– Младите денес имаат навистина тешка задача, освен во реалниот да се борат против омразата и во онлајн светот. А наша задача е да ги поттикнеме, охрабриме да им дадеме глас да градат интернет без омраза – рече Леа Липша, директор на Фондацијата Телеком за Македонија, на отворањето на работилниците.

За време на работилницата, младите научија повеќе за врсничкото онлајн насилство, како да го препознаат и да го спречат, ги дефинираа целите за промена на однесувањето и работеа на наратив.  Преку заедничко креирање со психолози, креативни експерти и експерти за комуникација, тие ги дефинираа целните групи и подготвија план и концепт за кампањата.

Работилниците ќе продолжат и следниот викенд кога учесниците ќе се фокусираат на креирање видеа и други комуникациски материјали.

Кампањата ќе започне во јуни. Насловена „Заедно за интернет без омраза“, оваа иницијатива е дел од долгорочното партнерство помеѓу УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија, чија цел е да ги вклучи децата и младите во борбата против некои од најголемите предизвици со кои се соочува нивната генерација.

Поврзани содржини