ЗАЕДНО ДА НАЈДЕМЕ НОВИ ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ КОИ ЌЕ ОТКРИВААТ СУДИИ ШТО ЈА ЗЛОУПОТРЕБУВААТ ФУНКЦИЈАТА Мицкоски повикува на консензус
Ги поканувам сите парламентарни партии заедно да работиме на овој процес, да направиме нова пракса, да обезбедиме општествен консензус дека ни се потребни промени и да работиме заедно тие промени да се случат, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Очекував дека СДСМ ќе биде порационален во своите изјави, тоа што го прочитав за мене беше неочекувано, оти мислев дека еднаш ќе застанеме заедно и ќе имаме национален консензус, заеднички да работиме на промените, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан за коментар на ставот на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека ВМРО-ДПМНЕ со реформата на Судскиот совет го партизира судството.
– Јас ги поканувам сите парламентарни партии заедно да работиме на овој процес, да не биде дека нешто солираме. Да направиме нова пракса, да обезбедиме општествен консензус дека ни се потребни промени и да работиме заедно тие промени да се случат – рече Мицкоски.
Но, не може никако причината да стане решение, додаде тој.
– Причината за ваквата состојба е минатата влада, која имаше многу контроверзни и скандалозни одлуки во правосудството, како шверцерски поминатите измени на Кривичниот законик со европско знаменце. И сега тие се претставуваат себеси како решение – рече премиерот.
Тој повтори дека процесот треба да е инклузивен, со општествен консензус.
– Не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени. Ги повикувам сите пратеници ако се согласуваат дека треба да се распуштат членовите на Судскиот совет кои се избрани од Собранието, да гласаат за нивното разрешување. А потоа заедни да најдеме луѓе кои ќе мониторираат и ќе откриваат судии кои ја злоупотребуваат функцијата – рече Мицкоски.
Владеачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска поднесе интерпелација за работата на 5-те члена на Судскиот совет кои се избрани од Собранието.
Филипче вчера рече дека граѓаните очекуваат темелни реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда.
– Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација, преку смена на Судскиот Совет од страна на власта. Потребен е национален, натпартиски пристап кој ќе обезбеди реформи согласно европските препораки. Затоа е потребно формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички ќе ги спроведува реформите во овој чуствителен сегмент. Доколку ВМРО-ДПМНЕ има искрена намера, ова ќе го прифати. Во спротивно ќе значи дека имаат сосема различни намери – рече Филипче.