ЗАЕДНО ДА ГО ВРАТИМЕ ЛИЦЕТО НА ОПШТИНА ЦЕНТАР Поддршка за Лабудовиќ од Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ
На центарци Лабудовиќ им вети дека ќе ја оправда довербата и оти Центар за четири години ќе биде чист, зелен, урбан и безбеден.
Кандидатот за градоначалник на општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Мирослав Лабудовиќ, придружуван од премиерот Христијан Мицкоски и кандидатот за градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска од Градскиот парк ги повика граѓаните на Центар на 2 ноември да излезат масовно, да ја дадат поддршката за број 2, за, како што рече, промените и новата енергија во Центар и за бројот 9, за промените и новата енергија за Скопје.
На центарци Лабудовиќ им вети дека ќе ја оправда довербата и оти Центар за четири години ќе биде чист, зелен, урбан и безбеден.
– Поддршката од премиерот, професор доктор Христијан Мицковски, од целата Влада дава дополнителен мотив дека сите оние проекти, кои што ги дадовме и ги кажавме во нашата кампања ќе бидат исполнети. Упорноста и истрајноста на Орце Ѓорѓиевски, која ја видов во изминатите пет недели, знам дека заедно можеме да го вратиме лицето на Центар, такво какво што заслужува, лицето на градот и лицето на нашата држава Македонија – истакна Лабудовиќ.
Тој посочи дека изминатите пет недели од кампањата за локалните избори поминале во многу домови во центар и добиле прекрасни идеи од граѓаните, но многу критики кон актуелниот градначалник и политиките кои се водат.
– Овие пет недели заедно со членовите на Движење Знам за наша Македонија и на ВМРО-ДПМНЕ покажавме дека сите заедно во заедништво можеме да застанеме рамо до рамо и да чекориме напред, бидејќи сите заедно имаме заедничка визија – рече Лабудовиќ.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, да го направат вистинскиот избор за сигурна иднина и развој на општина Центар и на Град Скопје.
– На тој начин, заедно со поддршката од Владата, една вертикална поддршка, ќе можеме да направиме проект повеќе за центарци, за жителите на општина Центар, и сигурен сум дека ќе имаме ефикасна соработка, бидејќи досега како Влада, изминативе 16 месеци, еднонасочна беше соработката, само од страна на Владата. Убеден сум дека после овие локални избори, после вториот круг, Центар ќе има нов градоначалник, тоа ќе биде г. Лабудовиќ, а Скопје ќе има нов градоначалник, Орце Ѓорѓиевски – рече Мицкоски.
 
			