ЗАЕДНИЧКО ЗАДОЛЖУВАЊЕ НА УНИЈАТА ЗА ЗАЕДНИЧКА ОДБРАНА НА ЕВРОПА Калас повика на европски заем за обезбедување безбедност на континентот
Заедничкото задолжување би ги направило заемите поевтини за сите земји членки на Европската Унија, вели шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас.
Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, изрази поддршка за заедничко европско задолжување за финансирање на поголеми трошоци за одбрана.
Заедничкото задолжување би ги направило заемите поевтини за сите земји членки на Европската Унија, изјави Калас во интервју објавено вчера, во пресрет на Минхенската безбедносна конференција.
– Блокот веќе презеде заеднички долг за време на пандемијата на Ковид 19, а како и тогаш, Европа повторно се соочува со закана што го погодува целиот континент – рече Калас.
Зигмар Габриел, поранешен германски министер за надворешни работи, исто така рече дека новото заедничко задолжување на ЕУ за одбранбени проекти е неизбежно, пренесе ДПА.
– Германија долго време тврдеше дека трошоците за одбрана треба да се финансираат преку националните буџети, но дури и во Германија таквите трошоци во голема мера можат да се финансираат само преку долг – рече тој.
Габриел беше министер за надворешни работи од 2017 до 2018 година и вицеканцелар од 2013 до 2018 година под тогашната канцеларка Ангела Меркел.
– Во извештајот нарачан од Европската комисија, поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, со право препорача финансирање на европската одбрана делумно преку заедничко задолжување. Иако ова би било скапо и би носело ризици, руските трупи на границата на Полска се поголем и поскап ризик – рече Габриел.
На 62. издание на Минхенската безбедносна конференција, која почнува утре, се очекува да учествуваат повеќе од 60 светски лидери и околу 100 министри за надворешни работи и за одбрана.