Задолжителното вакцинирање не е бркање „жртви“ со игла, туку паметен систем на привилегии и ограничување
Омасовената имунизација веројатно може да нè спаси од најтешките последици на новиот бран. Спасот значи да избегнеме целосно затворање, полициски часови, пак илјадници заразени и мртви, претоварени болници, хаос.
Објавувајќи се во прилог на идејата за задолжителна вакцинација и кај нас, во Македонија, каква што е најавена во Франција и во Грција, на пример, отворив чувствителна дебата, свесен за сите ризици од таа расправа. Не ми е прв пат …
Овде ние, во принцип, не умееме да дебатираме. Ние сме си кавгаџии и расправата по правило се води ad hominem. И тука помош нема. Очекував првите реакции да бидат такви, жестоки атаци. „Ти да се вакцинираш, а не нас да нè тераш!“ Или: „Кој си ти да предлагаш вакво нешто?!“ Итн..
Како и да е, прво треба да го разјасниме основното прашање – што е тоа задолжителна вакцинација. Многу луѓе (посебно такви кои „многу знаат“ а малку читаат), мислат дека задолжителната вакцинација е приведување на граѓаните и насилно вакцинирање. Или „чипирање“. Или интервенција во генетскиот „код“. Или нешто слично, нешто страшно во секој случај.
Не, задолжителната вакцинација е паметен систем на привилегии и ограничувања, во зависност од тоа дали луѓето се имунизирани или не се.
Тоа, на пример, значи дека државата ќе може да им го ограничи правото на пристап на јавни собири или во ресторани и кафулиња, на пример, на сите кои не се вакцинирани. Всушност, ако ни се повтори драматичната криза во која веќе бевме, такви рестрикции сигурно ќе се воведат, но вакцинираните би биле привилегирани и за нив ограничувањата не би важеле.
Во некоја друга колумна би дебатирал за тоа дали задолжителната имунизација е „неуставна“, како што тврдат некои. Јас мислам дека на тоа прашање мора да му се пристапи од повеќе агли и при тоа да се има предвид и уставното право на граѓаните да бидат заштитени од загрозување на јавното здравје.
Овој пат сакам само да нагласам дека за задолжителната вакцинација, секако постапно и според одредени категории население, треба да размислуваме баш сега, кога имаме релативно добра епидемиолошка ситуација. Има три добри причини за тоа.
Прво, наспроти сите задоцнети и јалови напори, одѕивот на масовната имунизација нема да биде задоволувачки. И сега кога конечно има доволно вакцини за сите. Не е подобро и во многу поорганизирани држави од Македонија, со многу поспособни влади.
Второ, четвртиот бран на пандемијата нема да нè одмине. Нереално е да се очекува такво нешто. Македонија не е изолиран остров.
И трето, омасовената имунизација веројатно може да нè спаси од најтешките последици на новиот бран. Спасот значи да избегнеме целосно затворање, полициски часови, пак илјадници заразени и мртви, претоварени болници, хаос.
Може ли системот на задолжително вакцинирање да ја омасови имунизацијата? Мислам дека може. Луѓето се практични суштества и за да избегнат живот со нехумани ограничувања, веројатно похрабро ќе се одлучуваат да се вакцинираат.
Добро е што министерот Венко Филипче веќе искажа некои размислувања во оваа насока. Се надевам дека предизборниот популизам нема да ги спречи властите да одлучуваат одговорно и храбро.