ЗАДНАТА ВРАТА БИЛА ЗАКЛУЧЕНА ОДВНАТРЕ, НЕМАЛО АВТОМАТСКИ СИСТЕМ ЗА ГАСНЕЊЕ ПОЖАР Сопствениците на барот во Кран-Монтана признаа дека е пропуст што внатре имало помлади од 16 години

Џесика рекла дека никогаш не им дозволувале на клиентите да ракуваат со прскалките и дека штом ќе се изгаснеле ги ставале во чаша со вода.

866

Швајцарската полиција ги испраша двајцата сопственици на барот, Жак и Џесика Морети, а телевизијата БФМ објави детали од нивните одвоени искази што им ги дале на истражителите.

На денот на оддавање почит на жртвите, Џесика Морети, облеана во солзи и опкружена со камери, се извини за трагедијата во Кран-Монтана.






– Тоа се случи во нашиот објект и сакам да се извинам – рече четириесетгодишната жена плачејќи.

Нејзиниот сопруг, Жак Морети, не беше покрај неа зашто судот му одреди притвор.

Девет дена претходно, на 1 јануари, парот, сопственици на барот „Le Constellation“, беа испрашани за првпат по трагедијата од страна на швајцарските истражители. Одделно, како што е стандардната процедура, но без да бидат обвинети во тој момент.

Кога започна сослушувањето, поминаа само десетина часа од пожарот. Билансот, иако сè уште привремен, веќе беше страшен. Жак Морети спонтано го започнал својот исказ спомнувајќи една од жртвите, 24-годишната келнерка во барот, Сиан Панин.

– Одгледав дете како да е мое. Со нејзиното момче се обидувавме да ја реанимираме повеќе од еден час на улицата во близина на барот, додека итните служби не ни кажаа дека е премногу доцна – рекол Жак.

Џесика Морети, од своја страна, за младата жена рекла:

– Сиан ми беше како помала сестра. Божиќ го помина со нас. Скршена сум.

Приказната за кобната вечер

Џесика рекла дека вечерта пристигнала во барот во 22:30 часот, додека нејзиниот сопруг бил во друг нивен објект во областа, „Senso“.

– На полноќ имаше малку луѓе. Потоа постепено пристигнуваа групи, со што бројот на присутни клиенти се искачи на нешто помалку од стотина. Ѝ велев на Сиан дека ни требаат повеќе луѓе за да се направи атмосфера – рекла Џесика.

Потоа дошол кобниот момент, кога келнерките, со маски на лицата, качени на рамената на келнерите, носесе шишиња со прскалки.

– Одеднаш, почувствував движење во толпата. Видов портокалова светлина кон аголот на барот. Веднаш викнав: „Сите надвор!“ и помислив да ги повикам пожарникарите. Излегов од објектот преку главниот влез, по скалите, за да му кажам на обезбедувањето да ги извади сите надвор. Кога бев надвор, се јавив на 118. Беше 01:28 часот – рекла Џесика.

Жак Морети тогаш примил повик од сопругата.

– Му реков: „Има пожар во Констел, дојди брзо!“ Бев во состојба на целосна паника, повикот траеше 11 секунди. Тој веднаш ми рече дека доаѓа кај мене – додала Џесика.

Задната врата била заклучена

Жак Морети кога пристигнал на местото се обидел да влезе во барот, но тоа било невозможно зашто имало премногу чад.

Тој и уште две лица отишле до сервисната врата, за која рекол дека ја нашол „затворена и заклучена одвнатре со резе“, иако вообичаено не била таква. Овој излез бил различен од излезот за итни случаи лоциран во подрумот.

– Ја отворивме со сила и таа конечно попушти по неколку секунди. Кога вратата закрцка и се отвори, неколку луѓе беа на подот, во несвест. Меѓу нив беше и мојата поќерка Сиан. Ги извлековме надвор и ги ставивме во странична положба, пред да извршат реанимација – рекол Жак, совладан од емоции за време на сведочењето.

Повеќе од еден час подоцна, додека пожарникарите неуморно работеле и бројот на жртви растел, Жак Морети ѝ рекол на својата сопруга, која имала полесна повреда на раката, да го земе автомобилот и да си оди дома за да се грижи за нивните деца.

– Ѝ реков да не останува и да не биде сведок на оваа трагедија, сакав да ја заштитам – рекол Жак.

Џесика Морети го послушала.

– Кога стигнав дома, бев во паника, како во некој занес, телото ме издаваше – рекла таа, додека нејзиниот сопруг ја поминал ноќта пред барот.

Што се знае за безбедноста на објектот?

Парот Морети го купил барот во 2015 година. Тој имал максимален капацитет од 300 луѓе. Морети рекол дека ги реновирал „од А до Ш подот, мебелот, шанкот“, вклучувајќи ја и пената на таванот во подрумот, која веќе била таму, но која тој ја заменил со сегашната.

Системите за електрична енергија и вентилација ги реновирале приватни компании. Имало главен излез и излез за итни случаи одзади, обата јасно означени како такви, тврди тој, што било потврдено со фотографии.

– Пожарникарите извршија две или три инспекции за десет години работа, без никогаш да побараат реновирање или модификации на просториите – рекол Жак прецизирајќи дека имало противпожарни апарати, но не и автоматски систем за прскалки во случај на пожар.

Тој рекол дека вработените во барот не биле обучени за справување со инциденти, како што е пожар.

Истражителите прашувале и за прсклаките кои ја предизвикаа трагедијата кога искрите удриле во пената на таванот.

– Вообичаена пракса, и досега без инциденти. На пример, на родендени на клиентите, при што искрите траат помеѓу 30 и 40 секунди, колку што е потребно за луѓето да отидат од шанкот до својата маса, за да се спречи да се повредат – рекол Жак.

Џесика рекла дека никогаш не им дозволувале на клиентите да ракуваат со прскалките и дека штом ќе се изгаснеле ги ставале во чаша со вода.

На прашањето зошто се качувале на раменици на келнерите и, со тоа, се приближувале до таванот, таа рекла:

– Не беше првпат, но не беше нешто што го правевме систематски. Никогаш не сум ги спречувала да го прават тоа, но никогаш не сум ги ни принудувала.

„Ова е трагедијата на мојот живот“

На прашањето на истражителите, сопствениците изјавиле дека им било забрането да примаат лица помлади од 16 години и барале возрасно лице да ги придружува тие што биле на возраст од 16 до 18 години.

– Правиме сè што можеме за да се осигураме дека е така, но помеѓу лажните лични карти и други потенцијални проблеми за кои не сум свесен, можно е да имало пропуст – призна Жак Морети.

Ноќта на трагедијата беа присутни бројни малолетници, вклучително и некои под 16 години, а дел од тие тинејџери ги загубија животите.

– Скршен сум. Се чувствувам одговорен што не можев да ги заштитам сите жртви – заклучил Жак Морети.

– Ова е трагедијата на мојот живот. Не знам како ќе се справам – рекла неговата сопруга.

Двајцата официјално се обвинети за убиство од небрежност, предизвикување пожар од небрежност и нанесување телесни повреди од небрежност. Во пожарот во барот „Констеласион“ во Кран-Монтана загинаа 40 лица, а 116 беа повредени.

Поврзани содржини