ЗАБРЗАНО СЕ ПРЕФРЛАМЕ НА ФОТОВОЛТАИЦИ, ИМАМЕ ПОНУДА ЗА ЧЕБРЕН Ковачевски реферираше за енергетските планови за излез од кризата
По прв пат имаме понуда за изградба на хидро електраната Чебрен која треба да биде најголем производствен капацитет од тој тип во регионот и да обезбедува балансирање не само за електроенергетскиот систем на Северна Македонија туку и за регионалниот. Се надевам дека таа евалуација ќе заврши позитивно – рече Ковачевски.
Eнергетската криза, со која се соочува цела Европа и светот, ни покажа дека само со меѓусебна поддршка можеме да обезбедиме стабилност на енергетскиот систем, но и да размислуваме за производство на струја од обновливи извори на енергија – изјави премиерот Димитар Ковачевски на панел дискусија „Социјално-праведна енергетска трансформација на Европа” што се одржа денеска во Скопје.
– Северна Македонија е првата која почна со трансформација на производство на електрична енергија од старите централи на лигнит на фотоволтаични централи. Прв таков проект се наоѓа во Осломеј, кадешто на старите наоѓалишта на јаглен ја имаме првата фотоволтаична централа од десет мегавати веќе пуштено во употреба. Веќе се работи на втората а со јавно приватно партнерство веќе се договорени две фотоволтаични централи од по 50 мегавати што значи дека една лигнитна централа од 120 мегавати ќе биде заменета со фотоволтаична централа од 120 мегавати – рече Ковачевски.
Тој рече дека по пат на јавно приватно партнерство ќе бидат пуштени во употреба 2023 година 130 мегавати на фотоволтаични централи.
– Во источна Македонија веќе се инсталираат односно се монтираат 25 мегавати ветерна централа. Во текот на изминатиот месец беше пуштена најголемата од 17 мегавати централа во државата од страна на странски, словенечки инвеститор. Куриозитет е што таа централа од 17 мегавати е поголема од било која централа во Словенија, што значи дека секој инвеститор кој добро размислил знае дека подобро е да направите фотоволтаична централа во Северна Македонија која има 270 сончеви денови со температура и движење на ветер кој овозможува најголема ефикасност на централите отколку да ги направите на друго место – рече Ковачевски.
Тој рече дека е утопија да се мисли дека лигнитни централи во текот на наредните години ќе бидат затворени, со оглед на недостигот од електрична енергија кој го има во Европа.
– Дополнително, по прв пат имаме понуда за изградба на хидроелектраната Чебрен која треба да биде најголем производствен капацитет од тој тип во регионот и да обезбедува балансирање не само за електроенергетскиот систем на Северна Македонија туку и за регионалниот. Се надевам дека таа евалуација ќе заврши позитивно – рече Ковачевски.
Тој информриаше дека Владата веќе разговара со три инвеститори, едниот од Германија, ВПД, АКУО од Франција и Милитинеос од Грција. ВПД е во преговори за изградба на 400 мегаватна ветерна централа во североисточниот дел од Северна Македонија. АКУО за изградба на фотоволтаична централа исто така од 400 мегавати во штипскиот регион и Милитинеос за изградба на когенеративна гасна централа во Скопје, кои ќе треба да дадат дополнителна електрична енергија за државата.
– Би порачал на сите кои се вработени на своите работни места и во РЕК Битола и во Осломеј дека воопшто не треба да стравуваат за своите работни места бидејќи овие електроенергетски капацитети ќе продолжат со работа на среден рок. Дополнително тие ќе бидат тренирани за работа на новите централи кои ќе се градат – рече премиерот Ковачевски на дебатата во организација на фондацијата „Фридрих Еберт”, меѓународниот центар „Олоф Палме” и Прогрес – Институтот за социјална демократија.