Министерството за внатрешни работи на Црна Гора ја прифати жалбата на адвокатската канцеларија Томановиќ, застапувана од Владо Георгиев и ја поништи Одлуката за забрана за влез во Црна Гора, но полициската управа на Херцег Нови повторно му забрани влез на Георгиев и тоа на период од 10 години, соопшти канцеларијата на Томановиќ.
Како што се наведува, иако Министерството за внатрешни работи нагласило дека забраната за влез е правно неодржлива, затоа што не била наведена ниту една причина зошто на Георгиев би му бил забранет влез во Црна Гора, полициската управа Херцег Нови во повторена постапка „отишла чекор понатаму во кршењето на меѓународните стандарди и со Устав загарантирани права“ и не постапила во согласност со законските и уставните обврски, туку, како што се наведува, „донела правно неодржливо, незаконско и неуставно решение и го забранил влезот на Георгиев во Црна Гора до мај 2030 година“.
– Во меѓународната правна практика, секогаш постои форма на деградирачки третман на индивидуа кога државата постапува без легитимна цел, непропорционално и наменско навредување на поединецот, затоа што странец има права загарантирани со бројни меѓународни правни документи при влез во земјата – наведува адвокатската канцеларија.
Тие се убедени, се додава, дека надлежното второстепено тело ќе ја прифати правната аргументација и ќе ја поништи новата забрана за влез на Георгиев.
Црногорската Управа на полицијата на крајот на август објави дека пејачот Владо Георгиев е вратен во Босна и Херцеговина од граничниот премин Ситница, „поради забрана за влез во Црна Гора“.
– ДПС и овој вид пресметка со Србите… Наздравје нека ви е и на образот – напиша тогаш Георгиев на Твитер.