Заборавивме ли дека ја живеевме Европа?

Некој ќе рече: па нели е ова нова држава, со ново име, како што вели двоецот Османи-Макрон? Можеби ќе биде делумно во право, ама во еден дел барем ја задржавме суштината. Сега, во новава авантура, ќе го проблематизираме ли и тоа? Или, де факто, тоа беше „проектот“ веќе од самиот почеток?

738

Дали, всушност, „новата иднина“, онаа на којашто треба(ше) да се радуваме зависи од степенот на замаглување на целиот процес, на отворање на неколку (наводно) клучни патишта по коишто треба ние – „стадото“ – да тргнеме, водени од вољата на овните-предводници на ЕУ?

Дали тој пат ќе биде оној на ГЕРБ, ДПС, ИТН, БСП…, кон кој нашиот предводник ќе мора да се придружи, или во меѓувреме ќе биде смислен нов од некој од оние веќе смешни самоумислени европски „големци“ ала Макрон?






Или сега (ќе) ја чекаме интервенцијата на „големиот брат“, којашто де факто не е ни потребна бидејќи еден од нашите „експерти“ веќе прогласи „блескава победа“?

Само не кажува која е по ред на списокот. Во меѓувреме, ќе продолжат ли нашиве зазбивтани малоформатни полуинтелигенти да нѐ бомбардираат со нивните нарачани инстант менија за придобивање на широките народни маси, а во собранието (малите букви се одраз на релевантноста на оваа „институција“) „мирно“ ќе тече процесот на превоспитување на дел од пратениците во стилот на некогашниот вемеровски двоец од оној „црн понеделник“?

Ние пак, како дел од „стадото“, сепак ќе се држиме до демократската нагласка, којашто наложува одмерен однос кон сечие мислење, па дури и она непоткрепено со аргументи, дури и глупаво ама желно – или жално? – да биде чуено, да излезе надвор.

И ние тоа (ќе) го овозможуваме, секому, и на надворешни и на внатрешни палјачовци, да нѐ тормози, да нѐ нарекува со секакви имиња, да бара да се радуваме на црнилата и да веруваме во ирационалното (зашто инаку и секоја баба ќе водела држава!), да прифаќаме вина и онаму каде што објективно ја нема, па дури  да се гледаме себеси и како најголеми мразачи на светот.

Според едни мразиме сѐ по список: од јужен, преку западен, а сега и источен сосед, ги мразиме, онака, жестоко, и секогаш без причина; според други „Сенешто мразиме и сите ги мразиме, најмногу оние кои се издвоиле и се издигнале над својата средина!“ (вториов дел е, веројатно, некаква самобендисана лична проекција?!); а според трети, не само што мразиме туку сме и фобични на сѐ и сешто… Сите зла се слеале токму во овој народ кој не дозволува на политикантите и нивните кербери да се радуваат на „светлата“ иднина за оваа земја која, ете, на своите плеќи доброволно држи ваков народ.

Ваквите пораки од делови на македонската интелектуална (?) јавност сега ќе станат и содржина на меѓународни документи што здушно ни ги подготвуваат. Меѓутоа: го слушаше ли некој директорон на Institut Jacques Delors каква слика ни нацрта?

Новиот свет што ни го откриваат тие сликички не е само чуден туку е и вџасувачки убоит, што пак, на некој начин, ни вреска директно во уво дека мора да останеме во сегашноста и да ја заборавиме иднината. Но постои ли само сегашност, без иднина? Или без минато? Зашто минатото, очигледно е, ни е товар, заради него нѐ малтретираат, ни поставуваат невозможни белосветски услови со цел да се откажеме од истото. Што и не е толку чудно, ако се има предвид како живеевме. Тоа е всушност она што им пречи, и надвор и внатре. Повеќе внатре, и околу нас, кај соседите, оние источно, јужно и западно, зашто ги знаеме што и какви беа. Сега ни враќаат „мило за драго“!

И нашиве со нив, нашиве кои ни го живееле, ниту пак го разбрале тоа наше минато. Ние ја живеевме Европа многу години пред ЕУ! И тоа сега мора да го платиме. Токму затоа на дел од нас ни се неразбирливи овие неартикулирани мрморења на поединци и групи, иако некои од нив доволно возрасни да ги поврзат сите линии во една права. Или правата не смее да биде – права, туку искривена, испрекината? И токму затоа дел од нас ги обзема нелагодност, дури страв да погледнат во таа новопроектирана низ (наводно) европски „документи“ иднина.

Тие „проекции“ што секојдневно ги насетуваме низ ехото на нашиве божемни евро столбови е само безумен лаеж на измамата, на незнаењето и неразбирањето на минатото, сегашноста и иднината. Низ тој лаеж прозвучуваат и трубите на „новиот свет“ во којшто овие отсега мислат дека си резервираат места. Но тие труби, како оние пред Јерихон, уриваат ѕидови.

Или тоа е всушност дефинираната цел: ѕидовите, оние на нормалноста и рационалното, мора да паднат?! За да се воспостави некој нов ред и поредок (и) на Балканите. Ако треба и со „демократска“ сила и принуда!? И тоа токму од оние  кои до вчера се колнеа во Устав и закони?!

И тука можеби клучното прашање е: што тие знаат, што разбираат за тој нов свет што го нудат? Или, уште еднаш: го слушаше ли некој директорон на Institut Jacques Delors каква слика на нацрта? Ги гледаат ли нашиве „експерти“ и полуинтелигенти само сјајните места, но не и сенките што надвиснуваат, не и однесувањето на Владата, не и случувањата во собранието (малите букви се одраз на релевантноста на оваа „институција“)? Зашто црнилата се побројни, се закануваат да голтнат сѐ што било и што ѐ.

Или тоа ним не им е важно, тие ионака не знаат ни што било ниту пак што ѐ, а најмалку што и како ќе биде? Разбираат ли барем дека е тоа пат од кој нема враќање, или пак токму тоа го посакуваат? Сигурни ли с(м)е дека на тој пат нема да ги пречека уште поголемо зло со многу повеќе лица, дека омразата ќе ја снема, дека корупцијата и криминалот ќе исчезнат или ќе се сведат на прифатливото ЕУ ниво, дека на сите страни ќе цветаат рози а низ Вардар навистина ќе почнат да пловат галии?

Секое патување е возбудливо како можна авантура, ама овде сепак станува  збор за нешто друго, нели? И најмалку за – блескавост! Ние, имено, не ќе патуваме заради здодевност или заради авантуризам, туку носени од мислата за некаква нова иднина. Каква? Знае ли некој, насетува ли барем или се ова навистина само лукративни одблесоци на малите умови во малата држава, некакви нивни искривени политикантски „убедувања“ и видувања на нашата иднина? Па, сериозно, завредуваат ли да се поведуваме по нив? Или ние навистина го загубивме интересот за оваа држава па размислуваме за нова?

Некој ќе рече: па нели е ова нова држава, со ново име, како што вели двоецот Османи-Макрон? Можеби ќе биде делумно во право, ама во еден дел барем ја задржавме суштината. Сега, во новава авантура, ќе го проблематизираме ли и тоа? Или, де факто, тоа беше „проектот“ веќе од самиот почеток?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини