ЗАБОРАВЕТЕ НА ТУРКАНИЦИТЕ И КОРУПЦИЈАТА ПРИ ВАДЕЊЕТО ДОКУМЕНТИ Премиерот Мицкоски вети нови услуги за граѓаните

Кога ќе се отворат канцеларии насекаде, тогаш ќе можеме да зборуваме дека конечно во Македонија имаме реална борба против корупција, додаде премиерот.

8,161

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека отворањето на новата канцеларија за административни за услуги е значаен ден за Аеродром и за сите жители на Општината. Тој истакна дека за кратко време почнува реализацијата на проекти за кои долго време се зборуваше.

– Навистина значаен ден за Аеродром, но и значаен ден за сите нас, бидејќи за многу кратко време почнуваме реално она за кое што зборувавме долго време да го применуваме – рече Мицкоски.






Премиерот нагласи дека отворањето на ваквите канцеларии во целата држава е основа за реална борба против корупцијата.

– Кога ќе се отворат канцеларии насекаде, тогаш ќе можеме да зборуваме дека конечно во Македонија имаме реална борба против корупција – додаде тој.

Во својата изјава, Мицкоски се осврна на важноста на дигитализацијата и транспарентноста во услугите, нагласувајќи дека тие значително ја намалуваат можноста за корупција.

– Знаете како беше, тоа не така одамна, кога за 500 денари требаше да ви направи некој услуга и да извадите извод од родените – изјави премиерот, укажувајќи на подобрувањата во системот.

Мицкоски исто така спомена дека се намалени гужвите и понижувачките моменти за граѓаните при добивање на документи.

– Сега сето тоа е минато. За многу кратко време, успеавме сето тоа да го сведеме во рамките на законскиот рок – изјави тој.

Тој изрази задоволство што процесот на користење на овие услуги ќе биде олеснет за сите граѓани.

– Започнуваме оттука, и сега ќе биде направено за 7 месеци, а не за 7 години како претходно – додаде Мицкоски.

На крајот, премиерот уште еднаш честита на отворањето на канцеларијата и изрази надеж дека ќе се отвораат што повеќе вакви објекти низ целата држава.

– Како жител на оваа општина, точно знам со што се соочуваа граѓаните од Аеродром, а тоа е да не можат ниту една услуга да добијат во рамки на својата општина и покрај тоа што станува збор за една од најбрзорастечките општини во државата со преку 70.000 жители, и затоа од огромно значење е што првиот од најавените Центри за услуги го отвораме токму тука, ќе бидат достапни повеќе од 100 услуги, од Фондот за здравство, Катастарот на недвижности, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување како и многу други институции – истакна министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.

– Овој центар не е само место за издавање документи. Тука ќе имате обучени службеници кои ќе ви помогнат да научите како сами да ги користите електронските услуги. За оние на кои технологијата им претставува предизвик, нашите службеници ќе бидат тука да помогнат во целиот процес – додаде министерот.

Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески изјави дека во рекордно кратко време успеале да создадат услови за да се отвори оваа канцеларија каде што граѓаните на Аеродром ќе можат да добиваат услуги од институциите.

Во следната фаза е предвидено да се поврзат и општините на националниот портал за услуги, што значи дека и општинските услуги ќе бидат поблиску до граѓаните преку ваквите Центрите за услуги.

Поврзани содржини