Заболените од ковид-19 во Турција ќе бидат следени преку апликација

Доколку заболениот го напушти домот, тој ќе добие СМС, а потоа и автоматски телефонски повик со кој се бара од него да се врати дома.

344

Турските власти ќе го следат движењето на лицата кои се позитивни на тестирањето за коронавирусот и членовите на нивните семејства преку апликација за паметни телефони, соопшти владата во обид да го сопре забрзаното ширење на епидемијата во Турција.

Ако болниот или лице кое било во контакт со него излезат од својот дом, ќе добијат СМС порака, а потоа и автоматизиран телефонски повик со кој од него ќе се побара да се врати, истакна кабинетот на турскиот претседател во видеопрезентацијата на мерката.






Ако не послуша или го повтори прекршокот, полицијата ќе биде информирана и му следува казна.

Веста за мерката која неделава треба да стапи на сила доаѓа во момент кога повеќе европски земји размислуваат за користење на паметните телефони во борбата со вирусот ковид-19, а притоа да не се наруши приватноста.

Кабинетот на турскиот претседател тврди дека тоа следење ќе се спроведе со почитување на законот за заштита на личните податоци и дека сите собрани информации ќе се уништат кога ќе заврши епидемијата.

– Благодарение на слични проекти, во други земји од светот се остварени извонредни резултати во сузбивањето на ковид-19 – истакнуваат од кабинетот.

Епидемијата во Турција забрзано се шири веќе неколку дена. Во земјата се забележани повеќе од 38.000 заболени од кои 812 починаа.

Поради таквата ситуација претседателот Реџеп Таип Ердоган воведе низа мерки: затворање на школите, баровите и културните установи, прекин на воздушниот сообраќај и ограничување на патувањата.

Но, опозицијата и лекарите бараат од Ердоган да воведе општ карантин, што претседателот го одбива бидејќи не сака да ја парализира ослабената турска економија.

Засега само постарите од 65 години, помладите од 20 и хроничните болни не смеат да излегуваат од дома, дури ни за да купат храна.

Поврзани содржини