Заблуди околу иселувањето
Македонија мора да се менува. Мора под итно да се престане со досегашните погубни политики и, за сите проблеми со коишто сме соочени, да се бараат долгорочни и принципиелни решенија. Опседнатоста со членството во Унијата, како излез од небиднината во којашто сме доведени, е сосема погрешна политика и чиста манипулација со народот.
Со право, често се повторува дека еден од сериозните проблеми на нашата држава е иселувањето, особено на младите луѓе. Тоа е факт, којшто мора да нѐ загрижува. Меѓутоа, мораме да констатираме дека тоа е масовна, светска појава, карактеристична за сите мали и сиромашни држави. И, не само за нив.
Како студент, кога работев во Лондон, во 1960-тите години, тоа беше сериозен проблем и за Велика Британија. Имаше случај кога целиот персонал на врвна научна лабораторија се пресели во САД заради подобри услови за работа и повисоки плати. Дека слични движења има и во развиените земји и денес, не треба да има сомнеж. Меѓутоа, тие немаат димензии како во случајот со Македонија и многу други земји, било од регионот, било пошироко.
Миграциите се нормални процеси, одамна присутни. Барем нам, на Македонците, и на другите балкански народи, тоа ни е јасно. Има податоци дека на самиот почеток на 20 век наши луѓе се селеле во Америка и, иако со пасоши на отоманската империја, таму се пријавувале и запишувале како Македонци. Имаше дури и шеги на таа тема. Kога се стигна на Месечината, некој праша – зарем не најдоа некој наш таму?
Иселувањето и преселбите се неизбежен дел од животот на луѓето и тоа, како пракса, избор, можност… е природна појава. Ако се сложивме околу тоа, што не би требало да биде тешко, следува главниот проблем – причините за тоа.
Сиромаштијата, невработеноста, лошите услови за работа, ниските приходи коишто не ги задоволуваат ни најосновните животни потреби… се главните поводи да се тргне по светот. Со нив е соочен голем дел од светското население. Махатма Ганди има речено дека сиромаштијата е најголемиот терор на којшто е изложен човекот. Во 2015 година, преку нашата земја поминаа речиси еден милион мигранти на пат кон развиениот Запад. Тоа беше мала библиска преселба на народите, којашто ќе се повторува и ќе зема замав.
Причините се специфични за секоја земја. Иселувањата од нашата земја се неизбежни и, во крајна линија, нормални дури и потребни. Проблемот е што се бројни и, барем засега, што се во една насока. Еден ден, кога ќе имаме и враќања, се разбира на доброволна основа и по сопствен избор, тоа ќе носи и повеќедимензионална корист за нашата земја.
Иселувањето, коешто е традиција и кај нас, и во регионот, не може да се контролира и менува со краткорочни мерки. Потребни се длабоки реформи во општествата, сериозни трансформации, коишто би можеле да влијаат на неговите димензии. Сѐ друго е празна реторика.
Кај нас, дебатите на оваа тема се максимално површни и популистички, без никакви длабински анализи, од коишто би се наѕирале и можни решенија. Затоа се создаваат и заблуди. Имаме и една сериозна контрадикција. На пример, сите се залагаат за наше што побрзо членство во ЕУ, што е добро. Некои, не баш професионалци, дури тврдат дека тогаш ќе се намали и одливот на мозоци. Каква глупост. Вистината е сосема поинаква. Дури тогаш ќе се соочиме со огромен наплив на иселувања, и тоа на најквалитетните кадри. Една од привилегиите на членството е токму правото да се работи кај што се сака во рамките на Унијата. И, нормално, маса народ ќе има нова опција.
Денес, кога за стекнување на такви права мора да се витка ‘рбетот за да се добие бугарски пасош, мнозина не се спремни на такво понижување. Ама, утре… Впрочем, не мораме да одиме подалеку. Во Бугарија се испразнија цели гратчиња. Одливот е огромен. Ако еден убав ден, сепак, нѐ примат во Унијата, тоа неизбежно и нас нѐ очекува. Во случајов со иселувањето, за среќа, барем следните 20, можеби и 30 години, нема да бидеме дел од Унијата.
Да се обидеме да прецизираме некои клучни елементи.
1. И кај нас, сиромаштијата и нискиот животен стандард се една од главните причини за иселувањето. Сите, а нагласено младите луѓе, коишто носат и добра доза на авантуризам, се спремни да бараат подобри услови за живот и за работа. Тоа, никој не може да им го оспори. Такви секогаш ќе има и, во основа – тоа е добро.
2. Мора да се констатира дека, покрај сиромаштијата, уште поважен повод да се бега од земјава е и нефункционалноста на државата. До ова дереџе, коешто е повеќе од загрижувачко, сме доведени благодарејќи на погрешните политики речиси на сите досегашни гарнитури на власт. Не е спорно дека по распадот на Југославија, Македонија беше и сѐ уште е соочена со големи проблеми и пречки, коишто доаѓаат од надвор, коишто силно влијаеја врз нашиот севкупен развој. Арно ама, неспорен е и фактот дека домашните политичари, и во дадените тешки услови, мораа да направат многу повеќе за нашата земја.
3. Ќе се осврнеме само на еден од клучните проблеми. Во нашата државна администрација, вклучувајќи ја и таа на локално ниво, се вработени можеби двојно повеќе луѓе, отколку што е потребно. Партиите на власт, на тој начин, ги вдомуваат своите членови. Во една општина, а секаде е главно истата ситуација, има преку 300 вработени. Според европските стандарди, треба да има меѓу 50 и 60. Тоа значи дека 250 луѓе клатат врата, и земаат плата. Во целата држава, таа бројка веројатно би се приближила до стравотни 100.000. Така, не се напредува. Во социјализмот, којшто имаше сосема друга идеолошка основа, беше подобро.
И, место да се гради државата, да се инвестира… огромен дел од буџетите се дели на партиските војници. А, пренатрупана администрација не може да функционира. Сите забошотуваат. Во Општина Тетово, во времето на Теута Арифи, имаше 100-тици што не одеа на работа а земаа плата. Некои и додека работеа во странство. Такви има илјадници.
4. Слободно може да се оцени дека многу силен повод да се бега од земјата е нивото на образованието, здравството, судството, корупцијата… Во државата речиси ништо не функционира како што треба. Кога луѓето се свесни дека нема правда или е селективна; дека во училиштата нема учебници или програмите (Кембриџ…) се менуваат како кому ќе му падне на ум; дека и по неколку месеци немаш Мој термин да одиш на доктор; дека луѓе умираат затоа што државата не набавила лекови; дека не можеш да се вработиш без членска карта на владеачката партија… Во такви услови, кој може да верува во сопствената перспектива? Младите, секако – не. Факт е дека ако државата функционира на прифатлив начин, луѓето многу потешко ќе помислуваа на иселување, и покрај масовната сиромаштија и ниските плати.
5. Во Македонија веќе може добро да се заработува. Општата сиромаштија може да се релативизира, ама и тоа не важи за сите и е, во голем дел, резервирано за партиските војници и се базира на непотизам. Не за најспособните. А приватниот сектор, во голема мерка зависи од државата, којашто троши речиси половина од општествениот бруто производ. Тоа е маѓепсан круг, од којшто многу тешко се излегува.
6. На иселувањето секако влијае и погубната надворешна политика. Со години сме сведоци дека македонскиот народ е онеправдан, понижен, газен и плукан од соседите и главните меѓународни фактори, до степен што е веќе срамно да се чувствуваш како Македонец. Тоа е секако силен додатен порив, повод и предизвик, да се бега што подалеку од сопствената земја.
Македонија мора да ја сврти страницата и околу тоа прашање, ако сака народот да ѝ остане тука.
7. Ако државата продолжи како и до сега, ако не се изврши сериозен и целосен пресврт во домашните и надворешните политики, слободно може да се очекува дека процесот на иселување забрзано ќе се шири и зајакнува и дека сѐ повеќе од способните луѓе ќе ја напуштаат земјата.
8. Македонија мора да се менува. Мора под итно да се престане со досегашните погубни политики и, за сите проблеми со коишто сме соочени, да се бараат долгорочни и принципиелни решенија. Опседнатоста со членството во Унијата, како излез од небиднината во којашто сме доведени, е сосема погрешна политика и чиста манипулација со народот.
Македонија треба да настојува да стане членка на ЕУ, ама тоа мора да биде на достоинствен начин. Не смееме да дозволиме да нѐ третираат како аморфна маса, а не како Македонци. Второ, и клучно, народот не смее да се лаже дека бргу ќе нѐ примат. Дека тоа може да биде до 2030 година, е тешка измама. Македонија нема теоретски шанси да биде дел од Унијата за помалку од 20, можеби за цели 30 години. Има сериозни индикатори дека никогаш нема да нѐ примат.
9. Топката е во нашиот двор, и ние сме на потег. Мора самите да започнеме да ги решаваме огромните проблеми со коишто сме соочени. Меѓу нив е секако и иселувањето ама тоа не е, и не смее да биде меѓу првите приоритети. Тоа ќе се надминува паралелно со промените коишто мора да се спроведуваат, и ќе резултира од нив. Не поинаку. Македонија мора да се реформира по сите линии, и тоа мора веднаш да започне.
Во спротивно, ќе продолжиме да се движиме прудолу. Неповратно ќе ја загубиме државата, којашто е создадена со крвта на бројни генерации, а ќе се спасат само тие што ќе се иселат.