Забележани контрачетници од Заевата пропаганда во кориите околу Деве Баир – чекале софиски предлог да го зграпчат
Ние, денешните Македонци, можеме слободно и со гордост да се пројавуваме и како македонисти, имено како продолжувачи на една модерна, еманципаторска, обединувачка и пацификаторска идеја. Нека вијат сега нашите локални антимакедонисти околу Деве Баир. Разоткриени, поразени, посрамени.
Читам, во неколку „анализи“ на прогласот на група македонски интелектуалци за македонско-бугарските односи, се проблематизира поимот „македонизам“ и се толкува (некаде намерно и злобно, се разбира) како што го употребуваат негаторите на македонскиот идентитет во Бугарија, за кои македонизмот е антибугарска и коминтерновска идеја (Ванчо Михајлов, на пример, ќе рече дека поствоена Македонија е дело на „македонистичките говеда“).
Како еден од авторите и потписник на прогласот, сакам да изразам жалење што некои луѓе, во недостиг на аргументи да го оспорат, се обидуваат да заподенат некаква полемика со нас, прифаќајќи ги премисите на ретро антимакедонизмот од периодот на Тодор Живков и на Цола Драгојчева.
Немам желба, а ни потреба да полемизирам со таква смешна теза. Тази теза, просто, не е теза.
Впрочем, стотици луѓе веќе го прифатија, го поддржаа, го потпишаа и го споделија нашиот проглас, а тоа значи дека ги разбраа неговата суштина и нашите пораки и се спротивставија на антимакедонизмот, кој, како што сум утврдил повеќе пати досега, е многу пожив и поагресивен во Скопје одошто во Софија. Заради тие одговорни и сериозни луѓе, во неколку реченици ќе потсетам на фактите.
Македонизмот (македонството, македонштината) е идеја, односно национална концепција (замисла) во борбата за етнокултурна и државно-политичка еманципација на македонскиот народ како посебен ентитет. Таа борба почива на чувството за припадност кон посебен народ, но и на научните сознанија за неговата етногенеза и за автохтоноста на македонскиот јазик и за желбата за создавање посебна држава. Таа борба е одговор на хегемонизмите на балканските нации – во две балкански и во две светски војни во 20. век (и после нив се разбира), пропагандите на соседните држави меѓу себе војуваат за освојување на просторот на денешна Македонија и за бугаризирање, србизирање и грцизирање на нејзиното население. Македонизмот е и борба против тие асимилаторски политики. Реализацијата на идејата за создавање македонска држава става крај на тие извори на нестабилноста во регионот и затоа македонизмот, освен што е еманципаторска идеја, истовремено е и концепт за пацификација на овој дел од светот.
Ете, тоа се фактите. Тоа е и причината поради која ние, денешните Македонци, можеме слободно и со гордост да се пројавуваме и како македонисти, имено како продолжувачи на една модерна, еманципаторска, обединувачка и пацификаторска идеја. И сега, кога таа повеќе од седум децении е реализирана во посебна и независна македонска држава.
Борбата против пропагандите и против негирањето на македонскиот идентитет продолжува. Како што гледаме, најголемите битки се водат тука, во Македонија, со растурените контрачетници од полкот на Заевата пропаганда. Разоткриени и поразени, тие сега вијат по кориите околу Деве Баир и ја повикуваат и новата влада да се оградела од македонизмот, да се откажела од македонството всушност, да појдела на Деве Баир и таму покорно да го чекала и да го зграпчела првиот „предлог“ што ќе дошол од Софија.
Хахаха! Со такви ебиветровци и македономрзци ли да полемизираме?
Не. Ги поразивме сто пати. Ги поразивме и со прогласот. Им докажавме дека да се биде Македонец не е „самочувствие“ без основа, дека не сме дрво без корен. Им кажавме дека нивната одродничка мисија е осудена на неуспех. На нивните шефови народот и на избори им кажа „не“. Затоа се обезглавени, без директиви и насоки, збудалени.
Нека вијат сега. Нека блујат од омраза. Тие ионака од сабајле до пладне се мразат себеси, а потоа ја мразат Македонија и целиот свет