ЗАБЕЛЕЖАН РАСТ НА ПОВРАТОТ НА ДДВ КОН КОМПАНИИТЕ Солидарниот данок ќе се враќа на два пати во 2026 и во 2027 година
Министерката за финансии вели дека најголемиот дел од компаниите кои платиле солидарен данок се согласиле државата износот да им го врати во две рати во март 2026 и во март 2027 година.
Повратот на ДДВ кон стопанството се враќа што се евидентира преку податоците на трезорот на Министерството за финансии, а во тек е и процесот за поврат на солидарниот данок кон компаниите кои го уплатија по основ на законско решение. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во гостување во ТВ 21.
– Податоците јасно кажуваат како се одвива повратот на ДДВ. Заклучно со 22 септември 2025 година вкупниот поврат на ДДВ, којшто е направен кон компаниите изнесува 24,85 милијарди денари, додека заклучно со 22 септември 2024 година повратот на ДДВ изнесува 23,56 милијарди денари, односно имаме повисок износ на поврат за 5,5% или за 1,29 милиони денари (20 милиони евра) во однос на минатата година -рече Димитриеска- Кочоска.
Таа посочи дека доколку има реакции од одредени компании можеби станува збор за компании коишто се предмет на контроли во Управата за јавни приходи и дека врз тоа Министерството за финансии не може да влијае.
При тоа наведе дека УЈП со поддршка од Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд и Трезорот на САД, изработи индикатори врз основа на кои констатира кои компании се поризични и треба да се проверат теренски.
Министерката рече и дека е во тек повратот солидарниот данок.
– Тоа е постапка што ние ја спроведуваме. Останаа уште неколку компании коишто до овој момент немаат одговорено на прашањето што им го доставивмe, а кое во јавноста го комунициравме претходно. Односно прашањето беше дали се согласуваат со она што Владата го предлага, а тоа е на два пати да се врати солидарниот данок, еднаш во март 2026 и еднаш во март 2027 година. Голем дел од компаниите одговорија и во најголем дел се позитивни и се согласуваат -рече Димитриеска – Кочоска.
Таа додаде дека враќањето на средствата, кои, како што рече, на еден нефер начин биле земени, е прилагодено согласно условите во Буџетот и при тоа упати благодарност до компаниите за прифаќање на доставениот предлог.