Забава за рајата

Не ги читајте мераклиите за пишување кои не сакаат да се отвори Уставот! Тие не си ја сакаат државата и нејзиниот европски пат, па се гласат како одјасани критизери, клеветејќи ја и вадејќи ѝ ифтирии на оваа, фала му на Господ, демократска мафија! Продолжете си „како до сега“. Прајте се глуви и будалинки, какви што сте. Но, и повеќе од тоа – паразити на сопствениот организам. Јадете се, сами себе и меѓу себе! Со наметнатото слепило, останете  незаинтересирани посматрачи на својот  живот, но не и протагонисти. Со препознатливата колонијална свест, без осет за саморезил, продолжете од надвор да барате, преку оние кои што дома ве игнорираат и ве избришаа, тоа што никој до сега не барал и добил - некакво тапијско идентитетско признавање за јазикот, културата, националната припадност... Дури и за вашата свест и совест! Може и за сексуалната ориентација.

1,598

Баш така – забавааа!

За така релаксирани, на чело со нашите мршојадци, брзопотезно да го смениме Уставот и снабдени со европските „потврди“ за нашето постоење што ќе ги дособереме од ваму – таму и ќе ги окачиме на нашето идентитетско табло, на раат го  доодиме незапочнатиот пат до расштиманото пејачко друштво – гордата Европа.






Некој ќе рече –  ама ние не сме во  хорот! Ако де, бидејќи се сметаме за послушни Европјани, можеме, вакви какви што сме – со разгаќените наши ороводци, додека тие нѐ крадат и се грамадат околу себе – да потскокнуваме околу нив и да им ја олеснуваме макотрпната размисла како, користејќи нѐ како штит, здружени со чекорницата „Европскиот фронт“, побргу си овозможат поврзан проток на криминалот во Европа без граници, а ако можат и да се закачат за некои од европските фондови, каде се цени изверзираниот апаш!

Кој ни брани бе! Здушени во патувачкиот контејнер и ние да се релаксираме, за  да се отргнеме од дијагностицираната трауматофобија, од која сѐ од нови потреси перманентно страдаме во неоградената, отворена психијатрија Македонија?

Нова весела играрија, наречена „црна листа“, токму на време, како терапија или зар фрлен на маса, или како политички фал – дар од  нашата гувернанта Анѓа, нѐ одушеви деновиве. Се разгракавме како свракини посестрими и како опитни сеирџии сами со себе се мезетиме и да уживаме, чекајќи „некој“ да преземе „нешто“ и да им дојт до ака, на тие… Хххммм!

Како чудесно откритие, нашата Анѓа која не се разликува по личотија од нејзините претходници, со посебно потенцирање  ни  покажа едно од местата (а покри друго), во случајов кај што се мрести редок примерок на езерско чудовиште – сом, кој поради  своевидната тимарена грдосија си озакони стравопочит со широки овластувања во личните уживања. Стана велезаповедник со парите, море закитен и со душите на рајата.

Фудул, како од приказните! Зошто да не?  Му се можит! Со години се должи, дебелее под стратешко око на партнерите и мрестаџиите од власта, со „машала“,  поплукуван за да не му фатат урок мустаците. Дури од Косово и Албанија поддржувачи со нишани како благослов, се закотвија во Струга… До ден денес работата е – јади, пиј, сликај се и под маса распореди: енси-менси пјо тандос, на околандос половандос, за будаландос кокаландос.

Како планирана ни се јави Анѓа  и за да нѐ оттргне од намножените гајлиња, ни го соопшти тоа што ние  го знаевме, но како и секогаш, трпевме… Таа, со тоа, убаво ни кажа дека е толку умна колку што нас рајата нѐ прајт недоквакани.

Не прашуј, ни случајно – з’ш? Заборави дека еднаш ѝ помина лагата и дека самата си го оквалификува сопственото однесување, кога здружена со комбинираната, иста, криминална банда, за која, сега, од некои  причини ни даде до знаење дека на нив – на Америте и на НАТО – веќе не им требаат вакви, кави што самите ги створија, за да им служат на нивните цели, а нас народот да нѐ игнорираат и пљачкаат до гола кожа.

Ги „оцрнија“ поради тоа што им излегоа од контрола? Или, планирано се дефокусира многу поголем криминален пробив? Или, се работи за рутинска смена на зајдисонце на веќе истоштен и надминат коџобашија?

Сеедно, бргу ќе се знае! Но, дека тие, „црнилата“, фрлени како анатема, се само евтина фарса и немаат никаква важност,  чепнатите веднаш ѝ одговорија на Анѓа, со контрадарување – и таа доби црна забрана летово да се бања и гоштева во струшкиот довлет. Андеее! Што е поубава Америка од Струга? Секој нека си седи во својот вилает и нека си продолжи да си го живее животот по веќе воспоставениот ред!

Но, нема за што да се лутиме на Америте. Ние самите злосторнички си ги убивме и мајката и таткото и сега како самопрогласени сираци ја прифативме Анѓа за мајка, а НАТО како ментален двигател и замена за ЕУ, за наш татко. Блазе нас: тие кои ни ја наметнаа комбинираната криминална власт, ја устоличија и толерираат во нејзината организационата поставеност, сега, како да ние ништо не знаеме – ни ја откриваат, со   усул, колку што им е потребно. И тоа, со име и презиме….

И? Натаму, што?  Како спас, да го обесиме човекот кој ни пушти кадро со американското знаме како под чадор – итрецот? И да се однесуваме како да е само тој, или уште двајца, тројца, па „обештетени“ да престанеме да гракаме, фатени со новофрлената Анѓина јадица?

Еееј, дејгиди рајо неименувана! Ај прибери се! Знаеш дека во ограбенава и поробена држава нема ни кој да ја обвини криминалната власт, ни кој да ѝ суди, ниту имаме во затворите апартмани за нив, милионерите! Во која било од овие градби да подотвориш врата, ќе те пречека и фати за јака некој од избраните и именувани проследувачи на здружената, со тертип организирана, уште подобро заштитена и  како цветен букет искомбинирана апашка клапа.

Не ги читајте мераклиите за пишување кои не сакаат да се отвори Уставот! Тие не си ја сакаат државата и нејзиниот европски пат, па се гласат како одјасани критизери, клеветејќи ја и вадејќи ѝ ифтирии на оваа, фала му на Господ, демократска мафија! Продолжете си „како до сега“. Прајте се глуви и будалинки, какви што сте. Но, и повеќе од тоа – паразити на сопствениот организам. Јадете се, сами себе и меѓу себе! Со наметнатото слепило, останете  незаинтересирани посматрачи на својот  живот, но не и протагонисти. Со препознатливата колонијална свест, без осет за саморезил, продолжете од надвор да барате, преку оние кои што дома ве игнорираат и ве избришаа, тоа што никој до сега не барал и добил – некакво тапијско идентитетско признавање за јазикот, културата, националната припадност… Дури и за вашата свест и совест! Може и за сексуалната ориентација…

Завалии ние… Со пештемали да се плачиме од дереџето врз кое сами си легнавме. Кој стигне нѐ гази, згора на тоа и недоветни нѐ прават, како од дома, така и од надвор. А ние и сме… Затоа бараме писмена потврда од Европа, за кои сме и што сме. Европа, која е штроено фашистичко мандало, со потполно дезаволуирани основни егзистенционални вредности за себе, а ич за нас…

Тоа што го дочекавме, е поради нашата историска ретардираност. Гледано реалполитички, им се додворуваме на оние кои ги напаѓаат и ги игнорираат нашите  егзистенционални интереси. А и своите ги немаат! Ги отфрлија како износени гаќи, за  да со гол газ полесно го консумираат протокот на лудилото. А ние трчаме по нив и на цел глас им велиме дека сме нивни сојузници. Им се фрламе во прегратките и како благодарност го работиме тоа што ќе ни се каже.

Зоштооо!?

Зар  забораваме од немајкаде дека да бидеш нечиј сојузник, не значи да му бидеш вазал. Како ние! Ама, власта, таа наша несреќа, има свои ботоксирани сфаќања – таа се гордее со своето предавство, зашто како противуслуга им е дозволено и озаконето да ја пљачкаат државата и народот. Инаку, како пред опулените ни очи ќе се намножеа милијардери во фамилијарни кланови? Дали ни е јасно? Овозможено им е како на туѓи послушници, а ни парите, ни народот не се нивни, ни Анѓини, ниту на некој европски потрчко, кој тоа што му фали во умот доаѓа нас да ни го продава.

Нас, на рајата, ни останува да се гордееме и фалиме што имаме мултимилионери и тоа „нашинци“! Сами, и тоа за тие безкруполозни оварди, си ги жртвувавме  животните принципи и сега не ни се потребни политички објаснувања туку психијатриски. Немаме држава, ама нашата разбојничка банда, составена од комплет властодршците, имаат своја држава и во неа егзистираат врз основа на кодекс кој го поттурна Уставот на државата и раководи со неа врз основа на јавно–тајните воспоставени нивни правила, на кои, свесно, сите ние недоветните се потчинивме. За да им угодиме, се откажавме од личните и поединечните ставови и веќе ги немаме. Свесно, поради слабокрвност на умот, се препуштивме за нас да размислуваат величествените политичко бизнис криминалци – плачкаши!

Тие ни нудат време во кое како народ треба да живееме преку нив. Ќе го искористиме нивното, или нашето време?

Поврзани содржини