За живковистите Македонците се Титова измислица, а за сдсмовци и за бујаровци – Путинова експозитура

Ниту една југословенска или македонска влада во овие седум децении толку не ги ослабнала позициите на Скопје во однос на Софија како сегашнава. Никој толку не го кодошел својот народ како сдсмовци и бујаровци. И затоа, не ги обвинувајте Софијанците за ништо, туку виновниците барајте ги во нашиот двор. А на 4 февруари сетете се на зборовите на Гоце Делчев: "Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови - изроди како македонскиот".

4,564

Тезата дека ние сме нација измислена од Коминтерната и од Јосип Броз Тито и дека Македонците постојат од 1945 година наваму – како продукт на една фалсификувана историја според софискиот живковизам, односно како продукт на „фрагментирана историја“ според тричковизмот на СДСМ – не е нова. Таа е константа во официјалната политика на Бугарија кон Македонија цели седум децении. Од периодот на Тодор Живков и на Цола Драгојчева па сè до денес, Бугарија ги оспорува самобитноста на македонската нација, нејзината историска генеза и македонскиот јазик.

Тоа секогаш било, а и сега е основата на спорот меѓу двете држави. Само политички аналфабети и луѓе без елементарно познавања на историјата веруваат дека Скопје и Софија спорат за  правата на Бугарите во Македонија и дека притисокот од Софија и од бриселската бирократија Бугарите да бидат „запишани“ во македонскиот Устав е одлучувачко прашање за односите меѓу двете земји.






А гледам, се намножиле во Македонија политички аналфабети, а богами и опасни манипуланти…

Никој, на пример, не прашува зошто барањето Бугарите да бидат „запишани“ во македонскиот Устав – ако е веќе толку важно – не било ставено на маса пред потпишувањето на Договорот за добрососедство. Можно ли е Бојко Борисов и Зоран Заев едноставно да заборавиле на оваа важна тема?

Зошто никој од власта не сака отворено да каже дека не е можно Бугарите да станат дел од Преамбулата на македонскиот Устав, ако претходно не го прифатат нејзиниот наратив за создавањето на македонската држава. Бугарите од Бугарија и „незапишаните во Уставот“ Бугари што живеат во Македонија се во директен конфликт со тој наратив – тие не ја прифаќаат Крушевската република како дел од македонска историја, не ги прифаќаат одлуките на АСНОМ, не ги прифатат Македонија, македонската нација и македонскиот јазик како феномени со своја генеза во историски контекст, надвор од официјалната доктрина на бугарската историографија.

Тоа што Пендаровски (последен, но секако не и прв) вели дека нема ништо против Бугарите да бидат „додадени“ на списокот народи во Преамбулата, тоа е – како мали Ѓокица замишља Устав!

Наместо да отворат дебата со колегите од Бугарија и со бирократите од Брисел за потезите што треба да ги повлече официјална Софија во врска со начинот како да се уреди статусот на Бугарите во  македонскиот конститутивен акт – а клучниот потег во таа насока мора да биде официјално признавање на самобитноста и на историската генеза на македонската нација од страна на Бугарија – македонските политичари од власта, од Зоран Заев и Димитар Ковачевски, преку Стево Пендаровски до Бујар Османи и Бојан Маричиќ, ги подигнаа очекувањата на Софија со идејата Бугарите едноставно да бидат „допишани“ на списокот народи.

И наместо на граѓаните на оваа напатена земја отворено да им кажат дека со ова прашање спорот со Бугарија не завршува, тие безочно ги лажат дека уште еден „компромис“ што нема многу да болел ќе бил доволен преговорите со ЕУ да продолжат, Скопје и Софија да се збратимат и да почне да тече мед и млеко.

Ете, така дојдовме до новото бугарско вето. Инцидентот во Охрид е само casus belli.

Беше прашање на ден кога владата во Софија ќе ни соопшти дека владата во Скопје нè лаже и дека преговорите меѓу Македонија и ЕУ никогаш и не почнале.

Така дојде до ова драматично заострување на односите меѓу двете држави, најопасно во овие седум децении.

За тоа се виновни дилетантизмот на македонската дипломатија, неспремноста на власта да се соочи со фактот дека до изборите нема да создаде мнозинство потребно за промена на Уставот (освен, евентуално, со насилство или со пуч) и таа страшна неискреност со која луѓето од врхушката комуницираат со својот народ.

Таа неодговорна политика на македонската влада на чело со Бујар Османи ги разбуди најмрачните елементи на бугарската политика. Таа поттикна нови бугарски понижувања на Македонија и на Македонците. Ниту една југословенска или македонска влада во овие седум децении не успеала толку да ги ослаби позициите на Скопје во однос на Софија како сегашнава.

И не само тоа.

Оваа власт отворено и брутално го кодоши својот народ дека е антиеевропски настроен и дека е под руско влијание. Ако за живковистите Македонците се Титова измислица, за сдсмовци и за бујаровци тие сега се – Путинова експозитура.

За ова бесрамно говорат!

За кучињата скитници бараат помош од Европската Унија, а за нас Македонците не бараат достоинствено решение и би прифатиле и ние да шетаме по улици шкопени и со жолти обетки на ушите, во надеж дека нема да наиде некој лудак со пушка да нè егзекутира како „антиевропејци“ и „путинисти“.

А таа стигма, за жал, се шири…

Неодамна, мојот драг пријател Џевдет Хајредини на Фејсбук напиша: “…Пречка за почеток на преговорите со ЕУ не се Албанците, туку Бугарија и мнозинството од македонскиот народ”. Поттикнат од оваа неприфатлива генерализација и ненамерна навреда за Македонците, во мигови на една можеби неоправдана лутина, му напишав на Хајредини:

„Драг Џевдет, една работа треба да ја знаат сите – Македонците не сакаат да влезат во ЕУ како Бугари.

Јас не сакам да влезам во ЕУ како Бугарин. А така ќе биде, ако се прифати бугарската доктрина (прифатена, за жал, од ЕУ, но и од Бујар Османи). Мојот покоен татко од Тетово беше роден во 1935 година. Мојата покојна мајка во 1939 година. Значи, биле Бугари. Каков Македонец ќе бидам јас, ако татко ми и мајка ми биле Бугари?

Не бива таа работа, пријателе. Дали тоа значи дека јас сум анти-ЕУ? Можеби и про-Путин?

Во моето разбирање на тоа што е проевропско и прозападно доминира односот кон вредностите на модерната европска цивилизација. За жал, понекогаш – како сега – и политиката на Брисел е спротивна на тие вредности. Кажи ми, што има европско во уцените на Софија? Како може да е европска вредност тоа што некој од мене се обидува да направи Бугарин?

Жал ми е што албанската елита денес активно учествува во оваа валкана работа како сојузник на Софија и се обидува тоа да го продаде како ‘проевропска политика’.

Македонците, а и јас меѓу нив, се чувствуваме предадени од таа елита. Од Бујар Османи и од таквите како него.

Само што не може Бујар да дојде на ред прописно да му се налутам, од толку Македонци што ја прифатија оваа погубна политика на Софија и на бриселските бирократи како наш ‘пат кон ЕУ’.

И да заклучам. Во ЕУ сакам да влезам како Македонец. Ако не може, не барам да влезам“.

Се разбира, со Џевдет лесно се разбравме и малку ми е криво што врз него го истурив својот гнев. Еве, јавно од него барам прошка за мојата приватна преписка, што сега ја споделив и јавно.

Но, има луѓе – нелуѓе со кои не се разбираме. И јас никогаш со нив нема да се разберам. Како да се разберам со тричковистите и со пропагандистите на СДСМ, кои се поголеми негатори на Македонија и на Македонците од живковистите во Софија? Како да се разберам, на пример, со луѓе кои јавно говорат дека македонската метропола, спротивно на аманетот на Гоце Делчев, не била достојна во неа да почиваат коските на македонскиот револуционер, туку тие (коските) требало да се преселат во некоја „пристојна“ европска престолнина?

Ете затоа, да бидам искрен, јас лично не барам и не гледам во Софија виновник за ова драматично влошување на односите меѓу двете земји. Апсолутно сум против тоа Ангел Џамбаски или било кој друг бугарски политичар или јавна личност сега да бидат прогласени за persona non grata, или на друг начин да им се забрани да влезат во Македонија. Зошто? Што е сменето во бугарските позиции кон Македонија во споредба со порано? Што зборува тој Џамбаски сега толку различно од она што го говори со години?

И кога планирате Бујар Османи да го прогласиме за persona in quo non credimus? Личност во која немаме доверба.

За сево ова што ни се случува, за овие неверојатни понижувања, јас виновниците ги барам тука, во Македонија. Додека не зачистиме во сопствениот двор, немаме право да гледаме во туѓите. Ние имаме проблем со луѓе кои со своите сервилни и неодговорни политики и со низа непромислени потези направија од оваа земја „село без кучиња“.

И затоа, на 4 февруари не очекувајте ништо друго освен нови понижувања.

Та и покрај сè, не срдете се. И бездруго, не крвете се.

Бидете разумни, прибрани и одговорни. Провокатори и битанги ќе има и таму каде што најмалку ги очекувате.

Не дозволувајте да ве злоупотребат истите луѓе кои ве накодошија дека сте Путинова експозитура. Однапред ви кажувам дека такво сценарио се спрема.

Не барам никој да се повлече, но би сакал на бујаровци овој пат да им дозволиме да ја „изменаџираат“ кризата што самите ја создадоа.

Би сакал да сркнат што надробиле!

 

Поврзани содржини