Директорот на Здравствениот дом на Сплитско-далматинската жупанија доктор Марко Раѓа, опиша како ќе изгледа процедурата доколку некој турист во Хрватска се зарази со коронавирусот.
– Ако странски турист од централните далматински острови или од кој било друг дел од нашата жупанија има зголемена температура или некој друг симптом што може да укаже на болеста ковид-19, тој ќе дојде во амбулантата во Мертојак. По тестирањето и ако се утврди дека е позитивен, ќе биде испратен во апартманот каде што престојува и во него ќе мора да помине 14 дена во самоизолација – изјави тој во интервју за Слободна Далмација.
Тука би можеле да се создадат проблеми ако сопственикот на апартман има други гости за наредната недела, а во апартманот има заразен гостин кој мора да биде во изолација, пренесува Индекс.хр.
– Сопственикот на апартман не смее да избрка гостин кој е во самоизолација. Покрај тоа, тој мора да се грижи за него и неговото семејство ако е на одмор со нив. Сите тие мора да бидат во изолација и сопственикот на апартманот мора секој ден да им носи храна и хигиенски средства кои ќе ги остава пред вратата на апартманот – рече тој.