ЗА ВОДЕЧКИОТ МАКЕДОНСКИ ГИТАРИСТ САМО 10.000 ДЕНАРИ ПЛАТА Замислете, професорот Пејчин немал доволен фонд часови и треба да биде казнет!?
Познатиот македонски музичар и гитарист Дамјан Пејчиноски на социјалните мрежи откри дека му е намалена професорската плата во музичката паралелка во Струга, подружница на средното музичко училиште „Тодор Скаловски – Тетоец“ од Тетово.
Пејчиновски за октомври лани зел редовна плата од 42.000 денари, но во следните два месеца платата му е намалена на одвај 10.000 денари, поради намалениот број ученици.
– Јас не тврдам дека училиштето не е во право од правен аспект. Сепак, убеден сум дека доколку постоела волја, можело да се најде решение со прераспределување на часовите во другите паралелки. Како и да е, мојата цел не е да барам милостина, туку да укажам на фактот дека треба да се води повеќе грижа за уметниците во Македонија – вели популарниот Пејчин за Плусинфо.
Во објава на Фејсбук, младиот гитарист ги повикува оние кои се планираат да се занимаваат со уметност за катастрофалните услови во Македонија, каде што, како што вели, „никој нема да им подаде рака“.
„Колку и да се радувам за секој мој ангажман надвор од Македонија, толку и знам дека е трн во очите на многумина. Нема да помине неказнето, како што моето матично средно музичко училиште, во кое што предавам гитара од 2009-та на неопределено време реши да направи – да ми ја намали платата на 10.000 денари месечно од септември 2024, пишува тој.
Иако постојат многу вработени коишто земаат плата воопшто недоаѓајќи на работа, сепак, поради намалениот мој фонд на часови и недоволниот број на ученици по гитара (кој според училиштето е моја вина), претпоставените одлучија дека јас треба да сум жртвеното јагне кое треба да најде начин да го преживее месецот со плата дупло помала од државниот минималец.
Сепак, ова ме инспирира, да работам, да свирам повеќе и интелектуално да напредувам.
Не сакам да се жалам, туку сакам да го споделам овој пост за сите оние ентузијасти кои избираат да се артисти и уметници наместо музички работници. Бидете спремни дека вашиот избор нема да ви донесе финансиска стабилност, ниту пак социјален статус, а не очекувајте ни дека ке ви подадат рака за тоа што го правите“, напиша Пејчиноски на Фејсбук.
Дамјан Пејчиновски е водечки македонски гитарист од помладата генерација. Често настапува на меѓународни фестивали и концерти.