ЗА ВЛАКНО СПРЕЧЕНА ТЕПАЧКА ВО СОБРАНИЕТО Обезбедувањето ги раздвојувало Апасиев и Ристески
Пратеникот Амар Мециновиќ од Левица во разговор за Плусинфо објасни дека причинаат за расправијата било објавувањето на извештајот за користење патни трошоци, во кој, како што рече, Ристески бил тотален рекордер.
Напната атмосфера денеска во ходниците на македонското Собрание, каде што дошло до вербален и до физички инцидент меѓу лидерот на Левица, Димитар Апасиев, и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески.
Според изјавата на пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, причина за расправијата било објавувањето на извештајот за користење патни трошоци, во кој, како што рече, Ристески бил тотален рекордер.
– Постојано провоцира, со месеци наназад. Кога и да нѐ сретне во ходник нѐ пцуе и ни презборува. На пратеничката Јована Мојсовска постојано ѝ праќа бакнежи. Не се трпи веќе оваа тортура – изјави Мециновиќ за Плусинфо, додавајќи дека Левица се обидела неколкупати процедурално да реагира, но без резултат.
Инцидентот, според неговото сведочење, кулминирал откако Апасиев и Ристевски се сретнале во собранискиот ходник, по што Ристески, видливо вознемирен од објавениот извештај, започнал со вербални навреди, а подоцна тргнал и физички да се пресмета со Апасиев.
– Почна да дели сочни пцовки и да ги спомнува сопругата и децата на Апасиев. Тогаш се случи инцидент и мораше да интервенира собраниското обезбедување – рече Мециновиќ.
Пратеникот Петар Ристески, пак, со статус на Фејсбук ја раскажа својата страна на приказната:
„Од причина што се појавија шпекулации за еден немил настан во Собранието предизвикан од хистеричниот и нервен лидер на Левица, Димче Апасиев, би сакал да појаснам дека наводите споменати во дел од медиумите не се точни и не е првпат хистеричниот лидер на Левица да глуми жртва и да провоцира конфликтност физичка или вербална, сакајќи на тој начин да привлече внимание. Нам ни преостанува или да ги игнорираме неговите лудувања или да одговориме соодветно по принципот на ‘Среќна нова 49-та’. Грешка е да му се одговори и да се падне на тоа негово ниво на однесување, посебно во светло на едно неуротичност и шизофреност која е евидентна, кога се прави принципиелен коректен професор пред јавноста и зад камерите кога испливуваат неговите најмрачни страни. Неговата кавга е по принципот навреди на безбедно растојание, па ‘мајка бежанија’, која му ја исполни денешната цел и смисла на постоењето, а тоа е да добие дел од медиумското внимание, нешто кое се заслужува со подвизи, проекти, идеи, визија, програми, принципи, а не со циркуз каков што тој неретко приредува. Токму затоа и неговата партија е бетонирана на 4,5% рејтинг, како одличен спаринг партнер на СДСМ и ДУИ, и токму затоа тој е драгоценост која мора да се негува и од тој аспект и кон него изразувам жалење за специфичната состојба во која овој лик се наоѓа и кој секој ден не пропушта да го руши угледот на институцијата. Сепак, наша улога како пратеници е да имаме конструктивен придонес во креирањето на политики и закони кои ќе овозможат развој и напредок на нашиот народ и држава, а вакви немили настани не дефокусираат од таа суштинска цел. Аман Димче, не плачи. Доста е“, напиша Ристески на Фејсбук.