Новата терапија им е дадена на сите кај кои е индицирана согласно проверките на функцијата на срцето, како на пациентите на Инфективната клиника, така и кај сите што се на домашно лекување.
– Во однос на успешноста мислам дека е рано да се каже, треба да поминат неколку денови. Се очекуваат првите резултати 5-7 дена по приемот на терапијата – рече министерот за здравство Венко Филипче.
Од утре почнува со организација на работата и Клиниката за кожни болести каде ќе се воспостави системот со амбуланти.
-Утре ќе бидат готови тестовите на вработените во Заводот за рехабилитација во Козле и ќе информираме најдоцна до вторник како ќе функционра Заводот. Најверојатно само амбулантски – рече Филипче.
Тој најави дека слепите лица кои работат во Заводот за рехабилитација во Козле може да бидат ослободени сега кога ќе има реструктуирање на работата во Заводот.
Од следната недела ќе се транспортираат пациентите од другите градови кои ќе ја примаат новата терапија на Инфективната клиника.
– Во последните неколку денови забележуваме зарамнување на кривата. Засега сме внимателни оптимисти – рече Филипче.
Во Битола болницата ќе бида затворена во следните 14 дена и сите ќе бидат пратени на домашна изолација па после ќе се прави нова евалуација. Филипче рече дека од следната недела епидемиолозите ќе имаат активности и ќе постапат согласно податоците дека има заразен судија во Врховниот суд во Тетово.
Филипче рече дека има респиратори во сите болници во земјава, но дека ставот е пациентите со тешка форма да се лекуваат на Инфективната клиника. Затоа се прави и мобилната болница, која ќе има капацитет од околу 130 легла.
– Здравствените работници се покажаа на висина на задачата дури и над тоа ниво со оглед на интензитетот со кој се работи. Има висок степен на пожртвуваност, особено во ИЈЗ и лабораторијата за молекуларна дијагностика. Добар дел од заразените здравствени работници не се заразени на работа туку во контакти со лица од нивното секојдневно опкружување. Нема ниту еден заразен на Инфектвината клиника што значи дека сосема професионално се работи – рече Филипче одговарајќи на новинарско прашање.