ЗА СИТЕ ЗЛА ВО МАКЕДОНИЈА ВИНОВНА Е РУСИЈА!? Изворот на проблемите, од црниот четврток до инфлацијата, Артан Груби го гледа во Москва
Има руски експоненти и елементи кои што прават сè што е во нивна моќ за да ги нарушат односите во прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција, која што сака да ја види оваа држава во НАТО и во ЕУ и во вековно пријателство со Америка – рече вицепремиерот Артан Груби.
Oд изборите на 11 декември 2016 година и формирањето на владата во јуни 2017 година прогресивните сили во земјава се соочуваат со многу предизвици, коишто имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија – рече денеска вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби во своето обраќање на отворањето на конференцијата „Година на европски можности“.
– Ако се сеќавате, за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, кои што ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот – рече Груби.
Исто така безбедносната, енергетската, ценовната криза и инфлацијата, според Груби, имаат само еден извор – Русија и нивната воена агресија врз Украина.
Тој наброја во кои сфери може да се препознае руското влијание.
– Дали има руско влијание во нашите верски заедници? Одговорот пронајдете си ги сами. Дали има руско влијание во нашите медиуми? Одговорот, пак, си го знаете сами. Дали има руско влијание во невладините организации во нашето општество? И сите знаете дека има руски експоненти и елементи кои што прават сè што е можно и во нивна моќ да ги нарушат прогресивното парламентарно мнозинство и коалиција која што сака да ја види оваа држава како членка на НАТО и ЕУ и во вековното пријателство со Америка. Затоа се обидуваме да го изградиме Европскиот фронт на заедништво, на прогресивни сили во државата – рече Груби во обраќањето.
На прашање да ги коментира овие изјави на својот заменик, премиерот Димитар Ковачевски рече дека „станува збор за факти и оти вицепремиерот точно посочил за кои процеси мисли“.
– Прво, вицепремиерот Артан Груби беше многу конкретен и посочи кон Русија во однос на стратешките одлуки и процеси коишто се правеле и прават во државата и дека Русија секогаш била против. И тоа се факти коишто сите ги знаат. Тој не кажа дека Русија е винвна за сè, туку точно посочи за кои процеси мисли, се мисли на зачленувањето во НАТО, на унапредувањето на демократијата како и на отпочнувањето на преговорите со ЕУ – додаде Ковачевски.