За шака Бугари

Денес е веројатно несоодветно да се бара аналогија со меѓународните геополитички околности во периодот на приемот на прибалтичките земји во ЕУ, но доколку Македонија дозволи да биде целосно обезличена, тогаш е прашање дали би можела да влезе во ЕУ како национална држава.

3,928

„Хрватска нема да се продава за шака еки“, тврдеше поранешниот хрватски претседател Фрањо Туѓман, за кого може да се кажат многу нешта што будат негативни конотации, но тешко и за неговата бескомпромисност во одбраната на суштинските национални интереси на хрватската држава.

Малите европски држави отсекогаш биле под влијание и изложени на притисоци од страна на најмоќните народи и нивните држави на континентот. Доволно е да ја погледнеме најновата статистика на Евростат за растот на БДП во 2020 година за да констатираме кој е „газда“ во куќата.






Германија, Франција и Италија заедно учествуваат со околу 55 отсто од вкупниот БДП на ЕУ. Само Германија има остварено 25 отсто од БДП-то на ЕУ, а што е повеќе од 20 земји-членки, кои заедно, со вкупно 24 отсто од БДП-то на Унијата, не ја надминуваат економската сила на Германија. Бугарија, на пример, лани учествувала со 0,5 отсто, а Хрватска и Словенија со по 0,4 отсто.

Овие бројки секако имаат значење и кога се прават обиди да се анализира кој со кого, и на каков начин преговара, или треба да преговара, кога станува збор за развојот и продлабочувањето на евроинтеграциите, вклучувајќи го, се разбира, и натамошниот процес на проширување со прием на нови членки. Пристапните преговори за членство во ЕУ се значително сменети и речиси неспоредливи според карактерот, содржината и брзината на реализација, доколку тоа се погледне од аспект на насобраните искуства по паѓањето на комунистичкиот блок и Берлинскиот ѕид.

Но едно нешто очигледно се провлекува како константа во преговорите, а тоа е настојувањето на секоја земја кандидатка за членство да ги зачува темелите на својата национална посебност и атрибутите на државноста, и по влегувањето во составот на големото европско семејство.

Да го зeмеме примерот на прибалтичките земји, Естонија, Латвија и Литванија, кои станаа полноправни членки во ЕУ по само три години преговарачки процес, и во 2004 година беа опфатени со досега најголемиот круг на ЕУ-проширувањето. Само десетина години претходно сè уште беше тешко да се верува дека Москва ќе „дозволи“ поранешните советски републики да се зачленат во ЕУ, и уште помалку во НАТО.

Но на самостојните прибалтички држави, поранешни советски републики, кои беа окупирани во 1940 година, им беше изразено меѓународно топло добредојде во европското семејство, а за што сигурно придонела и неодминливата лоша совест на западните центри на моќ, поради препуштањето на овие мали земји, со вкупно нешто повеќе од шест милиони население, на нивната несреќна судбина во 20-тиот век. Придонес дала и нивната голема дијаспора, поттикнувајќи ги иницијативите за обемна помош од странство, што им била пружена на балтичките народи во нивниот стремеж за модернизација и засилување на својата независност и државност.

Нивната транзиција е завршена со реалтивно брз и успешен процес на приватизација на државната сопственост и пристоен процес на денационализација на одземените имоти, без поголеми турбуленции и дополнителни манипулации во однос на законските права на претходните сопственици. Се разбира, Естонија, Латвија и Литванија и понатаму се соочуваат со проблеми поврзани со корупција, организиран криминал, трговија со луѓе и многу други негативни нешта, но со влезот во ЕУ надежите на нивното население за подобра економска и социјална иднина во значајна мера се зголемени.

Едно од крупните прашања во развојот и стабилноста на овие земји е и прашањето на положбата и правата на малцинствата, пред сè, големото руско малцинство – 30 отсто во Естонија и 34 отсто во Латвија. Во 1989 година, две години пред осамостојувањето, Латвијците изнесувале само 52 отсто од населението во својата земја. Владата во Рига сметала дека голем број Руси, Белоруси и Украинци дошле во земјата преку колонизаторски околности и затоа не можеле да се здобијат со право на државјанство во самостојна Латвија. Многумина од нив се вратиле во Русија, а на многумина им е одобрено латвиско државјанство по влезот во ЕУ.

Но и покрај тоа, непосредно пред пристапувањето на Латвија во ЕУ, во земјата живееле околу 500.000 жители, мнозинството Руси, кои немале ниту латвиско, ниту руско државјанство, туку статус на латвиски не-државјани. Многумина од нив го смениле сфаќањето околу државјанството по влезот во ЕУ, но проблемите во ова подрачје се сè уште присутни. Од страна на латвиската влада постојано се подвлекува дека латвиската држава функционира на латвиски јазик и дека не постои волја да се преземат некакви чекори што би можеле да водат кон создавање бинационалана држава.

Во денешни услови ЕУ се соочува со голема ерозија на сопствената кредибилност, посебно во Западен Балкан, каде што земјите од регионот се и понатаму аспиранти за членство и ја врзуваат својата иднина кон пристапувањето во евроинтеграциите.

Но прашање е до каде е границата на издржливоста и до кој степен ЕУ може да бара отстапки за да ја рашири прегратката и кон западнобалканските земји. Во случајот на Македонија, каде што во колективната меморија живеат негативните историски искуства во однос на стремежите за самостојност и несреќниот исход како париче за поткусурување во судирот на интересите на големите сили, лошата совест на Западот се чини и ден денес се поттурнува под тепих.

Можеби не треба да се бара аналогија според споменатите ставови на Туѓман, но Македонија не би требало да дозволи натамошно разнебитување на сопствената национална посебност и државност, поради инсистирањето на Софија, без никакво уважување на принципот на реципроцитет, во македонскиот устав како малцинство да биде внесена и една шака македонски граѓани, кои се изјаснуваат како Бугари и бугарофили. А за возврат во Бугарија и понатаму да не постои никакво македонско малцинство!

Денес е веројатно несоодветно да се бара аналогија со меѓународните геополитички околности во периодот на приемот на прибалтичките земји во ЕУ, но доколку Македонија дозволи да биде целосно обезличена, тогаш е прашање дали би можела да влезе во ЕУ како национална држава.

Поврзани содржини