ЗА СДСМ ЦРВЕНА ЛИНИЈА Е ВНЕСУВАЊЕТО НА БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ Филипче нема слух за националните интереси, вели Митева
Клучната разлика во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е што и од позиција на опозиција и од позиција на власт сега, работиме темелно и суштински на ова клучно прашање. За мене резолуција за црвени линии за идентитет, за јазик и за култура е најсериозното прашање, вели Марија Митева од ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Не видовме ништо ново. Кога зборуваме на национални интереси прво правило е да имаме сериозност и континуитет, особено во ставовите, а јас такво нешто од СДСМ не видов, не станува збор за некоја нова резолуција, вели Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
– Жалам што имаме една ситуација каде што цел месец помпезно најавуваната резолуција, денеска заврши со една кратка објава и со образложение дека истата ќе биде доставена до политичките партии, но и со барање истата да не биде тема на разговор во овој период, туку по изборите. Не ја гледам тука суштината и го сметам како незрел политички потег – рече Митева синоќа во гостување на ТВ24.
Која е позадината на објавување на документот и барање истиот да не се дебатира во периодот кога е објавен, праша таа.
– Ако велите дека на ВМРО-ДПМНЕ му е интерес сопствениот рејтинг, тогаш што е со рејтингот на СДСМ? Затоа што, кога вие три дена пред почеток на официјалната кампања излегувате со документ којшто доцни повеќе од месец дена, а е помпезно најавуван, тогаш се прашувам кој е вашиот интерес и која е позадината на објавувањето и барањето истиот да не се дебатира во рамките на периодот којшто е објавен – рече Митева.
Митева објасни дека ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток предупредува дека суштината не е само вметнувањето на Бугарите во Уставот, но СДСМ нема слух ниту за граѓаните ниту за националните интереси.
– Кои се црвените линии во резолуцијата? Јас истите не можев да ги најдам. И додека ние како опозиција велевме дека не е суштината само Бугарите во Устав, туку е многу поголема, вие велевте дека ние шириме паника, дека ние сакаме да ѝ наштетиме на државата, дека ние немаме цел да ја внесеме Македонија во ЕУ. А малку време подоцна, само по 15 месеци, да излезете со резолуција во којашто велите дека црвени линии се токму македонскиот јазик, идентитет и култура и дека нема преговарање за нив. Како по однос на вакво национално прашање и јас којашто директно се занимавам со политики, но граѓаните коишто најмногу ги интересира оваа тема, да веруваат во веродостојноста на вашиот континуитет и на политичките ставови, кои од позиција на опозиција се едни, а од позиција на власт се други – праша Митева.
ВМРО-ДПМНЕ ниту преговара за македонскиот јазик, идентитет и култура, ниту тоа ќе го направи во кои било преговори, категорична е Митева.
– Дали за вас црвените линии се вметнување на Бугарите во Уставот? Имавте многу долг период и можност да бидете така широкоградни од позиција на власт, да ги слушате граѓаните коишто протестираа пред Собрание додека вие си гласавте заклучоци во Парламентот, сега вие покажувате отвореност и подадена рака – рече таа.
Митева истакна дека ВМРО-ДПМНЕ работи темелно и суштински без разлика дали е во опозиција или на власт и се грижи за македонските национални интереси.
– Клучната разлика во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ е што и од позиција на опозиција и од позиција на власт сега, работиме темелно и суштински на ова клучно прашање. За мене резолуција за црвени линии за идентитет, за јазик и за култура е најсериозното прашање, затоа што тоа останува документ дека сум била дел од нешто коешто е направено и како власт и како опозиција, и затоа што идни генерации ќе треба да се повикуваат на тоа и ќе треба да носат чекори за иднината на оваа држава – заклучи Митева.