За ревизорите на учебниците и цензорите на идентитетот: Quis custodiet ipsos custodes?!

Се создава реално сомневање дека откако ќе се воведат дигитализираните учебници, нивната содржина ќе може слободно да биде ревидирана – и тоа според проценката на власта.

886

Актуелната дебата околу дигитализацијата на учебниците иницирана од новиот Нацрт-закон за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, на површина исфрли две спротивставени концепции.

Едната, која ја поддржува целосната замена на печатените учебници со дигитални, со образложение дека со тоа се осовременува наставниот процес и се следи генералниот тренд на ЕУ.






Другата, пак, се противи на исклучивоста на дигитализацијата, посочувајќи дека истата не може да го замени традиционалното учење со печатени учебници и не соодветствува со социјално-економскиот развоен капацитет на македонското општество.

Меѓутоа, само бегол поглед на новиот нацрт-закон за учебници, открива дека истиот повлекува многу посериозни импликации од самата дигитализација или лишувањето на учениците од печатени учебници.

Комплементарноста на овој нацрт-закон со Концепцијата за основно образование, како и со експресно подготвените и усвоени наставни програми за 4 одделение на 10.05.2021 г., сосема јасно го демонстрира ревизионистичкиот тренд на владејачката елита во однос на историјата и македонскиот национален наратив, произлезен од подготвеноста за прифаќање на крајно несвојствената за европските демократии, политичка условеност на Република Македонија за промена на учебниците по историја по диктат на договорите со соседите.

Во членот 15 од нацрт-законот за учебници се воведува нова и непозната практика. Согласно со овој член Бирото, односно Центарот, секоја година пред започнувањето на учебната година, „ќе врши ревизија на одобрените учебници, наставни и дидактички материјали“ и доколку „од извршената ревизија се констатира дека се потребни одредени исправки или дополнувања од стручен, методолошки, технички аспект, како и од аспект на превод, а истите не претставуваат повеќе од 30% од содржината на учебникот, наставниот, односно дидактичкиот материјал, Бирото, односно Центарот ќе достави барање до авторот/издавачите да се извршат исправки и/или дополнувања во учебникот, наставниот, односно дидактичкиот материјал, во рок од 30 дена од денот на добивање на барањето“.

Притоа, Бирото/Центарот самите ќе оценуваат дали е постапено по нивното барање и ќе одлучуваат дали ќе се продолжи со употреба на учебникот (чл. 15, ст. 3). Начинот на „вршењето на ревизијата“ согласно со ставот 6 од членот 15 „го утврдува министерот, на предлог на Бирото, односно Центарот“.

Компаративно погледнато, сѐ уште актуелниот закон за учебници воопшто не познава поим ревизија, а доколку се „констатира дека во одобрените учебници се потребни одредени исправки или дополнувања од стручен, методолошки, технички аспект, како и од аспект на превод и адаптирање, а истите не претставуваат повеќе од 30% од содржината на учебникот“, Педагошката служба доставува барање до издавачите, односно авторите да предложат исправки и/или дополнувања во текстот на учебникот.

Но, во ваков случај се предвидува Директорот на Педагошката служба да „формира комисија за давање на мислење по доставените предлози за исправки и/или дополнувања“, составена од еден наставник од факултетите од областа на наставниот предмет за кој е наменет учебникот со најмалку десет години работно искуство како наставник или соработник во високото образование, како и двајца наставници од основното, односно средното образование соодветни за наставниот предмет за кој е наменет учебникот и кои имаат најмалку десет години работно искуство во настава.

Практичната имплементација на членот 15 од нацрт-законот би значело дека Бирото/Центарот, а во крајна линија Министерот, се ставаат во улога на годишни ревизори на содржината на учебниците, без притоа законски да се конкретизира на кој начин ќе биде вршена ревизијата. Тоа отвoра сериозна дилема околу мотивите, особено што постапката на ревизијата со новото законско решение не поминува низ филтерот на експертска комисија.

Министерот е тој, кој со законското решение добива дискреционо право да одлучува на кој начин ќе се врши ревизијата на учебниците. Тоа би значело дека секоја година, ќе може да се ревидира содржината на учебникот, без тоа да подлежи на верификација од експертска комисија како контролен механизам на власта, а што треба однапред да биде регулирано со закон.

Во таа смисла, индикативно е што во новиот нацрт-закон се брише и актуелното законско решение со кое се предвидува формирање Национална комисија за учебници.

Оттаму, сосема легитимно се поставува прашањето дали со новиот нацрт-закон се инсистира на итна дигитализација, за да се овозможи, меѓу другото и воведувањето на ревизорство на учебниците. Во случај на постоење на учебници исклучиво во електронска форма, како што е предвидено со новиот нацрт-закон, промената на содржината на учебниците би била мошне лесно остварлива. Печатената верзија на учебниците, подразбира нивно потешко содржинско менување, од аспект и на финансиските импликации. Тоа, впрочем го констатираше и самото Министерство за образование и наука, кое меѓу клучните аргументи за дигитализацијата на учебниците ја посочи создадената „можност за ажурирање на учебниците секоја година, што значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина“.

Да се прејудицира застареност на учебниците на годишно ниво, е безмалку несериозно и неприфатливо од академски и научен аспект, негирачки за научниот кредибилитет на авторите и обезвреднувачки за експертизата и интегритетот на комисијата која ги оценува учебниците.

Интересно е што Министерството за образование и наука се повикува на позитивните практики на Хрватска, Словенија и Естонија, кои биле земени предвид при подготовката на новиот нацрт-закон за учебници. Меѓутоа, компаративната анализа покажува дека во овие земји сосема разбириливо воопшто не постои поимот ревизија, додека проценката на содржината на учебниците ја врши исклучиво експертска комисија.

Хрватската законска регулатива, покрај Законот за учебници и други образовни материјали, има посебен Правилник кој е составен дел од законот, со кој се регулира формирање на посебна трочлена „експертска комисија“ со надлежност за експертска процена на учебниците и утврдување на ускладеноста со одредбите на Законот за учебници, наставните програми и стандардите кои се пропишани со Правилникот при нивното одобрување. Врз основа на позитивното мислење на експертската комисија, министерот донесува решение за одобрување и користење на учебниците.

Постапката на повлекување на учебник, пак, е исто така регулиранa врз основа на мислењето на експертската комисија, која ги одобрува и врши стручна проценка на учебниците.

Притоа, се констатира дека печатената форма на учебникот, е наменета „за повеќегодишно користење“, додека електронскиот учебник или електронскиот дел од учебникот „може да се измени без процедура“ во случај на техничко или методолошко унапредување, што, пак, ја исклучува содржинската промена, која мора да биде компатибилна со печатената.

Словенија законски ја регулира оваа материја врз основа на Правилник за сертифицирање на учебници, како составен дел од законот, кој предвидува формирање посебна „Комисија за учебници“, од страна на стручен совет. Комисијата е надлежна за давање експертско мислење во процесот на одобрување на учебниците, кои му ги доставува на стручниот совет на одобрување.

Во постапката на одобрување на учебници, надлежната јавна установа, меѓу другото проценува дали учебниците се сообразени со целите, стандардите на знаење и содржините дефинирани во наставната програма или каталогот на знаење.

Сите проценки наведени во претходниот став и целата документација се доставуваат до комисијата за учебници, најдоцна во рок од 45 дена од денот кога комисијата го побарала тоа во писмена форма. Притоа, процесот на одобрување на учебници поминува преку стручен рецензент, кој има современо познавање на професијата или професиите што го дефинираат предметот или стручното поле од соодветната област, и кој мора да биде експерт со научно звање за одредена тема, предмет или професионална област или со највисоко можно ниво на образование кое може да се добие во Република Словенија за одредено поле.

Kомисијата е таа која утврдува дали некој учебник треба да биде коригиран, или, доколку добие известување за евентуални стручни грешки на одобрен учебник, назначува рецензенти кои ќе ја направат соодветната проценка, по што доставува предлог до надлежниот стручен совет за eвентуално поништување на одлуката за одобрување.

Естонскиот образовен модел е неспоредлив, бидејќи на дигитализацијата на учебниците се работи со години, на што му претходат стратегии базирани на сеопфатни анализи, што резултира со целосно дигитализирање и обезбедување на најсовремена техничка опрема во секое училиште. Неспоредливоста се состои и од фактот што самиот поим ревизија е во спротивност со концептот со кој им се овозможува на училиштата слободно да ја избираат едукативната литература неопходна за завршување на сите нивоа на образование.

Реалноста во Република Македонија рефлектирана во предложениот нацрт-закон, покажува дека зад декларативните либерални заложби за реформи и модернизација на наставниот процес, всушност се воведува избрзана дигитализација, без претходна подготовка заснована на опсежни стратегиски анализи за социјално-економските капацитети на македонското општество.

Уште повеќе, се воведува непозната практика на ревизија и тоа на годишно ниво, без законски да се регулира истата. Тоа создава реално сомневање дека откако ќе се воведат дигитализираните учебници, нивната содржина ќе може слободно да биде ревидирана – и тоа според проценката на власта.

Печатените учебници, паралелно со нивните електронски верзии, придружени со интерактивни содржини, верификувани од рецензенти и експертски комисии, несомнено ќе имаат подолготрајна употребна вредност, наспроти променливоста на власта, диктатите на политичките договори или наметнатите меѓудржавни комисиски договарања. Во спротивно, ќе настапат ревизорите (читај цензорите) на власта, кои секоја година во Орвеловистички манир ќе можат да бараат ремоделирање на содржината на електронските учебници во зависност од проценката и конкретниот момент на политичките договорања.

Ваквите законски промени, всушност доследно ја следат Концепцијата за основно образование, донесена без согласност на академските и научни институции, како резултат на што учебниците по историја веќе стануваат минато, исто како и самиот предмет историја, кој сега само фигурира заедно со општество.

Во тој контекст, експресно подготвената и штотуку усвоена наставна програма за 4 одделение по новоконструираниот предмет „Историја и општество“ не само што го потврдува трендот за крајно маргинализирање на историјата и историските содржини, туку како еден од клучните резултати од учењето го нотира развивањето на „идентитет на граѓанин на Република Северна Македонија“.

Согласно со наставната програма, името Македонец/Македонка повеќе не е идентитетска ознака за нацијата, туку ознака за етничка припадност.

Тоа ги прави новите наставни програми следствено заокружување на ревизионистичкиот политички приод во однос на историјата на македонскиот народ, што евидентно резултира и со целосно бришење на терминот македонска нација – по диктат на Преспанскиот договор (Митко Б. Панов, „Сувото дрво на Македонците и мачниот привид на нацијата“, Expres, 3.04.2021).

Новите учебници, кои ќе треба да се изготват во рекорден рок, ќе мора да соодветствуваат со ваквиот концепт и насоките на усвоените наставни програми, а новиот закон за учебници, ќе треба да го овозможи ревизорскиот контролен механизам доколку има било какви отстапувања од политичките договори, или наидува на внатрешно или надворешно „добрососедско“ противење.

Сето тоа потврдува дека сме сведоци на воведување ревизори на македонската историја и цензори на идентитетот на македонската нација, кои имаат цел да продуцираат ученици со нова инсталирана дигитализирана меморија и свест за идентитетска припадност на безимена нација – „граѓани на Северна Македонија“ (Митко Б. Панов, „Стаклените очи на власта и креирање безидентитетска историја“, Еxpres, 14.02.2021).

Општ е впечатокот дека мешањето на граѓанскиот и мултиетничкиот концепт на државата, во наставната програма, само ќе води кон натамошни поделби во македонското општество, од причина што се игнорира историскиот процес на градењето на македонската нација. Нацијата останува без име, без идентитетска придавка, што конечно ќе создаде простор за доминација на етничкиот концепт, што ќе доведе до нови поделби во државата.

Ваквите тенденции, кои директно ја засегнуваат македонската академска и научна интелигенција, особено историчарите, а во крајна линија националниот наратив и идентитетот на македонската нација, го прават сосема актуелно и релевантно прашањето поставено во сатирична форма од римскиот поет Јувенал: „Quis custodiet ipsos custodes?“ – Кој ќе ги набљудува набљудувачите?!

Македонските историчари не смеат да дозволат македонскиот национален наратив да стане предмет на ревизија по диктат на политички договори, а самите тие да станат објект на цензура во сопствената држава и од сопствените државни институции!

Доволно е само да се потсетат на Мисирковата мисла напишана непосредно пред неговата смрт: „Македонската интелигенција бараше и најде други начини да се бори, имено со независната научна мисла и македонската национална свест“.

Мисла, која како своевиден тестамент била наменета како водилка за генерациите независни македонски интелектуалци кои учествувале во градењето на македонската држава и нација! Само преку одржувањето на историската меморија за македонската нација и градењето на концептот на македонскиот демос како политичка заедница на рамноправни граѓани, ќе се избегнат идните поделби во државата!

(Авторот е редовен професор во Институтот за национална историја)

 

Поврзани содржини