ЗА РАСКИНУВАЊЕ НА ДОГОВОРИТЕ СЕ ПЛАЌААТ ПЕНАЛИ Предупредување, па ветување дека Владата ќе ги сослуша граѓаните за изградбата на хидроцентралите
Владата ќе се побара мислење од страна граѓаните за изградбата на хидроцентралите на реката Добошница на планината Кожуф.
За изградбата на хидроцентралите на реката Добошница на планината Кожуф, Владата ќе се побара мислење од страна граѓаните, најави денеска од Гевгелија премиерот Димитар Ковачевски, но потсети дека договорите се веќе потпишани и раскинувањето ќе значи плаќање на пенали и обесштетување на инвеститорите. Ковачевски посочи дека се работи за хидроцентрали, за коишто законската постапка е започната во 2016 или 2017 година.
– Значи прeд веќе 6-7 години и согласно со закон инвеститорите имаат добиено дозвола да можат таму да градат хидроцентрали. На барање на населението кои се против изградба, министерката за екологија имаше состанок, тие беа информирани дека таа постапка е водена со години и е завршена согласно со законските процедури. И дека раскинувањето на договорот значи плаќање на пенали и обештетување на инвеститорите, бидејќи тие добиле дозвола согласно со закон, согласно со законски водена процедура – рече Ковачевски.
Но, тој смета дека исто така треба да се почитува и мислењето на граѓаните.
– Ме зачудува како тоа во 2016 не се почитувало. Или немале можност тоа да го кажат граѓаните или не го кажале. Ги немам тие информации. Меѓутоа еве бидејќи ние сме демократска Влада, секогаш ги сослушува граѓаните во однос на сите проблеми и согласно со тоа ќе се носат одлуките – истакна Ковачевски.
Забележа дека треба да се знае оти раскинување на таков договор со инвеститор кој согласно со Закон во текот на шест, седум години обезбедил дозвола може да се направи само преку обештетување.