ЗА ПРОБЛЕМАТИЧНИТЕ ПРАШАЊА ЌЕ СЕ ДРЖИМЕ ДО НАШАТА ПОЗИЦИЈА Прво интервју на новиот бугарски премиер Кирил Петков
Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура и за заеднички економски чеори, истакна новиот бугарски премиер Кирил Петков за БНТ.
Ние ја зачувуваме позицијата на Бугарија во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. Ова го рече новиот бугарски премиер Кирил Петков во првото интервју за Бугарската национална телевизија (БНТ).
– Со нашите коалициски партнери јасно запишавме во коалицискиот договор што треба да се очекува од нас во поглед на проблемот што го имаме со Северна Македонија. Ние ја зачувуваме позицијата во однос на барањата кон Северна Македонија, но ја надградуваме. И тоа е новитет. Надградувањето треба да се случи преку заеднички групи што ќе работат секој месец, најмалку еднаш месечно, и во нив треба да зборуваме за заедничка инфраструктура, заедничка култура и за заеднички економски чеори. Да се фокусираме на добрососедството, односно на тоа што и двете страни можат да го добијат како добри соседи едни кон други – истакна Петков.
На новинарско прашање кога ќе се сретне со македонскиот премиер, Петков одговори – во најкус рок!
– Во најкус рок ќе се сретнам со македонскиот премиер и тоа ќе биде мојот приоритет бидејќи не сакаме да губиме време. Многу време изгубивме во изминатите години. Сепак, кога станува збор за проблематичните прашања, ние ќе се држиме до нашата позиција апсолутно на ист начин како и претходно. Едноставно, треба да го прошириме опфатот на комуникацијата – рече Петков.