ЗА ПРЕТСТАВКАТА ЗА РЕЗОЛУЦИЈАТА НЕКА ОДЛУЧИ УСТАВНИОТ СУД Опозицијата e таа која водеше лажна кампања за мигрантски кампови
Тие одлучија да калкулираат и ја напуштија салата (во Собранието). Јас навистина жалам, бидејќи претходно водеа една лажна кампања дека сме се сложиле за нешто за што не сме се сложиле. Еве, нека одлучи Уставниот суд. Јас не ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Тоа сум го кажал многу пати во минатото, рече премиерот запрашан да ја коментира претставката на СДСМ за изгласаната Резолуција за осуда на манипулациите за мигрантски кампови.
Премиерот Христијан Мицкоски коментирајќи ја поднесената претставка на СДСМ за изгласаната Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, истакна дека тој нема да коментира и остава Уставниот суд да донесе одлука за оваа иницијатива.
– Јас немам коментар. Сепак, тука е Уставниот суд. Уставниот суд е тој кој што треба да донесе одлука за иницијативата на СДСМ. Јас навистина жалам што СДСМ не беше во рамките на Парламентот да изгласа Резолуција со којашто заеднички ќе се обврземе дека било која Влада ќе биде во Македонија дека нема да дозволиме изградба на мигрантски кампови, дека на дозволиме прифаќање на било каков тип на мигранти или неуспешни апликации на азиланти кои се резултат на било каков договор и на било каква политика. Тие одлучија да калкулираат и ја напуштија салата. Јас навистина жалам, бидејќи претходно водеа една лажна кампања дека сме се сложиле за нешто за што не сме се сложиле. Еве, нека одлучи Уставниот суд. Јас не ги коментирам одлуките на Уставниот суд. Тоа сум го кажал многу пати во минатото – рече Мицкоски по посетата на фабриката „Алкалоид“ АД Скопје.
СДСМ до Уставниот суд поднесе претставка за уривање на правниот поредок откако владејачкото мнозинство во Собранието усвои „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
Собранието завчера ја усвои Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција, поднесена од парламентарното мнозинство. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски тогаш истакна дека парламентарното мнозинство и Владата имаат јасна и непроменлива политика против нелегалната миграција и дека никогаш не било побарано, ниту ќе се дозволи, изградба на мигрантски кампови или трајно сместување мигранти во државата.
Според него, со Резолуцијата се става крај на шпекулациите и дезинформациите што создаваат страв и несигурност кај граѓаните.