ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ НЕМА ДА СМЕАТ ДА СУДАТ ТРОЈЦА ОД ВКУПНО 5 СУДИИ ВО КОЧАНСКИОТ СУД Рано е да се зборува каде би се одржало судењето
Тројца судии од овој суд постапуваат во претходна постапка, а согласно законот секој кој постапувал во претходна постапка понатаму не може да учествува како судечки судија, вели претседателот на Основниот суд Кочани, Спиро Борисов.
За пожарот во Кочани нема да можат да судат тројца од вкупно 5 судии во Основниот суд Кочани, рече денеска претседателот на Судот, Спиро Борисов. Тој објасни дека тројца судии од овој суд постапуваат во претходна постапка, а согласно член 33 од Законот за кривичната постапка, секој кој постапувал како судија на претходна постапка понатаму не може да учествува како судечки судија, како член на советот за оцена на обвинителни акти итн.
– За пожарот постапувааат тројца судии. Ние сме суд со 5 судии, вклучително и јас како претседател на судот – тројца судии, двајца од судиите постапуваат во Кривичен совет и еден делегиран судија од друг основен суд кој би можел да постапува како судија во суд со проширена надлежност – рече Борисов.
Тој истакна дека во тек е истражната постапка за пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 61 лице, и дека судиите на претходна постапка постапуваат по изјавените жалби.
– Во тек е е истражна постапка. Се постапува по изјавени жалби на одлуки на судии на претходна постапка и тоа е во моментов што можам да ви го дадам како изјава – рече Борисов, кој денеска беше во Судскиот совет.
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски изјави дека уште е рано да се разговара за тоа што ќе се случува ако во судот во Кочани не може да се реализира судењето за пожарот.
– Мислам дека е рано за тоа да разговараме. Сè во свое време. Судскиот совет е во тек, но за судењетово Кочани не одлучува Судскиот совет. Ќе се постапи согласно законот – рече Камбовски.