ЗА ПОСЕТАТА НА ПАПАТА НА ФРАНЦИЈА СЕ ПОТРЕБНИ 27 МИЛИОНИ ЕВРА Католичката црква досега собра 5,5 милиони евра од донации
Големиот интерес за посетата од 25 до 28 септември ја наметна потребата од зајакнување на логистичките и безбедносните мерки и за проширување на капацитетите за одржување настани. Повеќе од 700.000 луѓе веќе се регистрирале за настаните, а акредитирани се речиси 2.500 новинари.
Буџетот за посетата на папата Лео на Франција од 25 до 28 септември веќе е проценет на 27 милиони евра, објави денеска Католичката црква во Франција, која покрена апел за донации за финансирање на посетата. Тој износ ќе ги покрие сите трошоци потребни за организирање вклучувајќи го приемот на учесниците, логистиката и подготовката на различните места во Париз, Лурд и Мец.
Големиот интерес за посетата ја наметна потребата од зајакнување на логистичките и безбедносните мерки и за проширување на капацитетите за одржување настани. Повеќе од 700.000 луѓе веќе се регистрирале за настаните, а акредитирани се речиси 2.500 новинари.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез минатата недела објави „вонредни безбедносни мерки“, при што 15.000 полицајци ќе бидат мобилизирани за време на посетата.
Кампањата за собирање пари што ја започна Католичката црква на почетокот на летото досега собра речиси 5,5 милиони евра.
Посетата ќе биде финансирана „главно од дарежливоста на јавноста“, соопшти конференцијата на бискупите. Средствата ќе бидат дополнети од големи донатори и компании, како и од продажба на сувенири. Донации ќе бидат прифатени и преку СМС пораки и QR кодови за време на главните служби на папата.
Се очекува околу 80.000 луѓе да присуствуваат на бдение на стадионот „Стад де Франс“ на 25 септември.
Следниот ден, се очекува околу 500.000 луѓе да присуствуваат на миса во областа помеѓу Плоштадот Конкорд и Шанзелизе во Париз.
На 27 септември се очекуваат 150.000 луѓе во Лурд, а на 28 септември, десетици илјади околу катедралата во Мец.