ЗА ПОПЛАВИТЕ ВО СКОПЈЕ ВИНОВНА Е ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ Одговор на СДСМ на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ
„Локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што вчера попладне го зафати Скопје и околината“ - пишува СДСМ.
Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ Цветан Трипуновски, наместо да се бламира како непознавач на надлежностите и функцинирањето на локалните самоуправи, како и на системот за авионско засејување облаци, треба да им се обрати на јавните претпријатија и на локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје – одговори СДСМ на претходните изјави на Трипуновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и претседател на партиската комисија за земјоделство.
„Локалните самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ и директорите на јавните претпријатија потфрлија при невремето што вчера попладне го зафати Скопје и околината. Очигледно ниту каналите, ниту шахтите не се проверени навреме и не се исчистени соодветно. Над 10.000 домови беа поплавени а ЈП водовод не презеде ништо. Невремето предизвика хаос во сообраќајот, а Центарот за управување и контрола на сообраќајот не ги информираше граѓаните што се случува на сообраќајниците. На терен беше само полицијата и институциите од централната власт а локалната власт никаде ги немаше“ – пишува СДСМ.
Што се однесува до споменатиот систем за авионско засејување облаци, СДСМ порачува дека тој се користи само за реагирање, одбрана и превенција на земјоделски површини. За последните три години процентот на заштита од град за земјоделските површини бил 80 отсто, наведува партијата.
„Но, не е до системот, за Скопје под вода потфрли локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ“ – тврди СДСМ.