ЗА ПОМАЛКУ ЖРТВИ НА ПАТОТ „Безбеден град“ работи автоматски и непристрасно, вели Тошковски

Министерот Тошковски ја презентираше финалната фаза од проектот „Безбеден град“ со нови камери за автоматска детекција на брзина, кои ќе ги штитат животите на патиштата и ќе ја зголемат сообраќајната дисциплина.

557

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на финалната проверка на новиот паметен систем за автоматска детекција на брзината на возилата, кој е дел од проектот за зголемена безбедност во сообраќајот.

– Станува збор за систем кој МВР го развиваше со цел да се намалат сообраќајните незгоди, повредите и загубените човечки животи. Во процесот на тестирање се проверува јасноста на снимките, прецизноста при читањето на регистарските таблички и точноста на податоците што системот ги регистрира. Според стручните служби, отстапувањата во мерењето на брзината се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира висока сигурност и доверливост на системот – изјави Тошковски.






Министерот истакна дека со овој систем се поставуваат повисоки безбедносни стандарди на патиштата и дека целта е јасна, помалку незгоди, помалку повредени и повеќе спасени човечки животи.

Во првата фаза, камерите ќе бидат поставени на локации со зголемен ризик, додека во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата држава. Паралелно, ќе се користат и возила на МВР опремени со мобилни камери, кои ќе делуваат особено на „црните точки“ на патиштата.

– Системот работи автоматски и непристрасно, камерата не прави разлика меѓу луѓе, туку евидентира прекршок. Законот важи еднакво за сите, а безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет – нагласи министерот.

Од МВР додаваат дека примената на системот веќе покажува позитивни ефекти, сообраќајната дисциплина се зголемува, а ризикот на патиштата се намалува.

Поврзани содржини