ЗА ПОЧЕТОК МЕКА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ? Речиси пола нација пуши, а трендот е јавен простор без чад

Со новиот закон ќе биде забрането пушење на класични цигари, електронски цигари и користење уреди со загреан тутун во сите јавни и затворени простории, а ќе се ограничи и пушењето на отворен простор.

638

Дали Законот за заштита од пушење ќе стартува од 1 март како што се предлага во законското решение или ќе почне да се применува во фази?

Државниот советник Никола Грбчевски од Министерството за здравство во гостување на ТВ21 рече дека евентуалното одложување на примената на законот не би го нарекол ретерирање, туку фазна имплементација зашто во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата одлучиле да одат со мека имплементација, која на почеток ќе значи опомени и едукација.






– Во дијалог со јавноста и со бизнис заедницата ќе одиме со мека примена на законот што ќе значи на почеток опомени, едукација, рамо до рамо работа во правец на исполнување на условите создавање јавни простори без чад. Дали законот ќе биде донесен до 1 март, зависи од многу фактори. Водиме институционална дискусија, добиваме фидбек од сите засегнати во имплементацијата. Ставот на Министерството е дека законот треба да биде донесен што е можно поскоро, но имплементацијата би одела фазно – односно прво би се изрекувале опомени, па потоа казни. Се соочуваме со голем проблем, речиси пола држава пуши, има фрапантен тренд кај младите за пушење, и тоа сакаме да го спречиме – рече Грбчевски и додаде дека сѐ уште траат разговорите со сите засегнати страни.

Тој објасни дека со новиот закон ќе биде забрането пушење на класични цигари, електронски цигари и користење уреди со загреан тутун во сите јавни и затворени простории.

– Согласно европските стандарди, веќе забраните се изнесуваат и надвор на отворен простор, односно се ограничува пушењето и на отворен простор. Нема да смее да се пуши ниту во приватен автомобил доколку во него има дете. Пред влезовите на училиштата и градинките нема да смее да се пуши, туку ќе мора да има одредена дистанца, а колкава ќе биде таа, оставаме на совеста на граѓаните. На игралиштата каде што играат деца ќе биде забрането, за децата да не бидат изложени, односно да не гледаат како се пуши – изјави Грбчевски.

Во однос на тоа колкав период ќе траат фазите за прилагодување кон законските измени, тој рече дека и тоа е нешто што сега се усогласува.

– Дали ќе бидат 6 месеци, дали ќе бидат 8 месеци, дали ќе бидат 3 месеци, не можам да кажам, тоа ќе зависи како ќе одлучи оперативната работна група – додаде советникот Грбчевски.

 

Поврзани содржини