ВО ИГРА СЕ И СУБВЕНЦИИ ЗА ПАРНО Утре ќе знаеме дали и колку ќе поскапи
Во комуникација сме со Владата и мислам дека ќе наидеме на разбирање, но ги повикувам и одговорните во Град Скопје и општините во Градот активно да се вклучат и ако е потребно да обезбедат соодветни субвенции за потрошувачите. Очекувам да излезат во пресрет. Утре ќе ве информираме што може да се очекува за цената на топлинската енергија, истакна Бислимоски.
Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска ќе го разгледува барањето на БЕГ, а утре се очекува да соопшти колку ќе поскапи парното, јавува МИА. Според претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, ќе се бара начин да нема драстично зголемување на цената, а тој се надева дека Владата, Градот и општините ќе имаат слух и дека ако е потребно ќе обезбедат субвенции за граѓаните.
БЕГ се соочува со тежок период каде што набавува природен гас за шест пати поскапа цена од просекот за годинава. Сепак, според Бислимовски, да поскапи парното не е решение, бидејќи така граѓаните ќе се исклучат и ќе се префрлат на струја, што повторно нè носи до криза.
– Повикувам на солидарност на сите чинители. Набавната цена на природниот гас во делот каде купува БЕГ по цена на берзи е околу 1480 долари за метар кубен. Ова е набавка за јануари и е за речиси шест пати повисоко од просекот во 2021 година кога изнесуваше 240 долари за метар кубен. За тоа, БЕГ вчера достави барање и ние денеска ќе го разгледуваме. Тоа што го мислев за електричната енергија, го мислам и за топлинската – дека драстично поскапување на парното не е решение зашто голем број потрошувачи ќе се исклучат од системот и ќе почнат да користат електрична енергија за греење. Во комуникација сме со Владата и мислам дека ќе наидеме на разбирање, но ги повикувам и одговорните во Град Скопје и општините во Градот активно да се вклучат и ако е потребно да обезбедат соодветни субвенции за потрошувачите. Очекувам да излезат во пресрет. Утре ќе ве информираме што може да се очекува за цената на топлинската енергија – истакна Бислимовски.