За Османи одложувањето на преговорите е грешка на Унијата, Милошоски бара одговорност
И покрај моменталните предизвици во билатералните односи, во фокусот на соработката во наредниот период ќе биде продолжувањето на политичките консултации меѓу двете министерства, зачестени официјални посети и средби на високо и највисоко ниво.
Од наша страна е сторено се што треба, доволно сме подготвени и одложувањето на почетокот на преговорите беше грешка на самата Унија. И затоа не треба да не обзема апатија, песимизам, ниту некаков дефетизам. Процесот на одлучување во Унијата е сложен, со консензус, и ние на тоа мора да се навикнеме. Имам навистина голем број пријатели внатре во Унијата чии интереси за иднината на Европа се совпаѓаат со нашите. Тоа е обединета Европа, со Западниот Балкан целосно интегриран во Унијата и тие нѐ очекуваат да им се придружиме. И ние немаме алтернатива. Нашиот стратешки интерес останува ист – да донесеме повеќе Европа дома, а да ја однесеме Северна Македонија во ЕУ.
Ова денеска го истакна шефот на дипломатијата Бујар Османи реферирајќи пред пратениците за остварувањето на надворешната политика и меѓународната положба на Северна Македонија, на седницата на собраниската Комисија за надворешна политика.
Тој подвлече дека фокусот во моментов е секако на Бугарија и оти се уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација.
Османи потсети дека и покрај тоа што имавме турбулентна и тешка година, пандемија и постојана криза, членството во НАТО беше еден од најзначајните успеси што на земјава што го одбележа почетокот на годината, а добивме и одлука за почеток на преговори со ЕУ.
– Ја дочекавме и одлуката на 27 земји-членки за почеток на преговори со Европската Унија. Гледано од денешен аспект можеби делува збунувачки фактот што Советот на ЕУ сѐ уште не може да ја усогласи содржината на преговарачката рамка, но тоа не треба да го намали значењето на одлуката од март. Таа е одлуката која ја чекавме без малку 15 години, тоа е одлуката што сме ја побарале во 2004, тоа е одлуката за која сме се стекнале со статус на земја – кандидат уште во 2005 година. Тоа е одлука за која од 2008 година нижеме препораки од страна на Европската Комисија, без разлика кој е на власт или во опозиција. Едноставно беше фер и правично што и таа конечна одлука ја дочекавме заедно, рече Османи.
Османи посочи дека како прв приоритет на неговиот мандат ги поставил добрососедските односи, како што рече „да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите за длабоко и долгорочно пријателство со сите наши соседи“.
– И повторно, гледано само од денешниот агол и однесувањето на нашиот сосед Бугарија, оваа амбиција не влева оптимизам, туку повеќе делува утопистичка и неостварлива. Но ве уверувам – тоа не е така. Не случајно мојата прва официјална посета беше токму Софија, и од тогаш наваму комуникацијата меѓу министерствата за надворешни работи, воопшто меѓу двете држави постојано се интензивира на повеќе нивоа, истакна тој.
Османи подвлече дека оваа тема не е затворена, и за неа веројатно ќе се разговара и во иднина, но она што сега е важно, е што нерешените прашања со Бугарија директно го предизвикаа неуспехот на Советот на ЕУ да ја утврди содржината на преговарачката рамка, а од последните настани минатата недела, ниту заклучоците посветени на процесот на Стабилизација и Асоцијација наменети за целиот Западен Балкан.
– Сите ние сме сведоци со каков ентузијазам, енергичност и посветеност германското претседателство до последен момент се бореше за оформување на преговарачката рамка и одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија. Во оваа насока добивме поддршка буквално од сите земји – членки, особено оние кои гравитираат околу регионот, т.е. претставуваат дел од нашето пошироко соседство – истакна Османи, додавајќи дека токму во таа насока минатата недела имав мини турнеја токму по членките на ЕУ кои се непосредни соседи на поширокиот Балкан кои изразија недвосмислена, принципиелна и прилично гласна поддршка за нашите европски интеграции, истакна тој.
Подвлече дека реформи дома ни се потребни нам, на нашите граѓани и затоа тие мора да продолжат со европски пристап, но, вели, ние мора да продолжиме и активно да работиме на сите прашања кои можат да претставуваат пречка за нашите европски интеграции.
– Фокусот во моментов е секако на Бугарија. Сѐ уште најдобрата опција останува со добра волја да се интензивира спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и враќање на довербата од страна на Бугарија во неговата ефикасност и имплементација. И покрај моменталните предизвици во билатералните односи, во фокусот на соработката во наредниот период ќе биде продолжувањето на политичките консултации меѓу двете министерства, зачестени официјални посети и средби на високо и највисоко ниво. Во овој процес ние мора да најдеме начин да се ослободиме од наметнатите наративи на некои минати сојузи во кои биле двете држави, за да ги ослободиме новите генерации кои треба да живеат во новите заеднички сојузи под капата на НАТО и ЕУ – рече Османи.
Тој изрази уверување дека постои волја, и тоа и кај нас, и кај нашите соседи во Бугарија и оти е потребно уште малку напор и дека повторно ќе добиеме блиски пријатели со кои ќе градиме долгорочно пријателство.
– Во првиот приоритет на надворешната политика се и останатите соседи, кои секако не треба и не се запоставени поради актуелните предизвици со Бугарија. Во оваа насока, уште на почетокот голема Владина делегација беше во посета на Атина каде беа поставени одлични односи со новата Влада предводена од премиерот Киријакос Мицотакис. Продолжуваме активно да го имплементираме Договорот за стратешко партнерство, познат како Договорот од Преспа, но паралелно работиме и на проширување на меѓусебната соработка, со посебен фокус кон економијата, инфраструктурата, енергетиката итн..
Османи заклучи дека најважен приоритет останува нашиот пат за членство во ЕУ.
– Главен приоритет во дипломатските активности на МНР од аспект на ЕУ во 2021 повторно ќе биде даден на напорите за што побрзо активирање на преговарачкиот процес кој треба да започне веднаш по одржувањето на Првата Меѓувладина конференција, завршување на билатерален скрининг, подготовка на првите патокази за кластерот Фундаменти, интензивирање на комуникацијата со ЕУ институциите и земјите-членки, заклучи Османи во обраќањето пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика.
Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ праша кој ќе ја сноси политичката одговорност за тоа дека не добивме ниту преговарачка рамка, ниту датум за преговори.
– Министерот Османи, премиерот Заев и министерот Никола Димитров пред целата македонска јавност не само што обзнанија дека имаме датум за почеток на преговорите со ЕУ, туку имаше и своевидни прослави на тој датум, имаше билборди, музички настани, и слично. Истиот министер денес пред нас кажува дека датум нема. Нема ниту заклучоци за жал, ниту преговарачка рамка, уште помалку датум за почеток на првата меѓувладина конференција. Моето прашање е – кој ја носи политичката одговорност за ваквиот неуспех – праша Милошоски.
– Сметам дека доколку ја лоцираме таквата политичка одговорност, ќе можеме полесно да се носиме со предизвикот во текот на 2021 година. Доколку одбегнуваме и наоѓаме изговори, тогаш ова обраќање нема да биде ништо поразлично од обраќањата што во изминатите четири години сме ги слушале од министрите за надворешни работи – рече Милошоски.
Османи потсети на стратешките приоритети на земјава и одговори дека најуспешната година во постигнување на нашите стратешки цели во евроатлантските интеграции којашто ќе се памети е 2020 година.