ЗА ОБУЧУВАЧИТЕ ПО 30.000 ДЕНАРИ ЗА СЕКОЕ ОБУЧЕНО ЛИЦЕ Грант за самовработување ќе добијат 1.703 невработени лица

Како занимања во кои недостасува кадар министерката Весна Јаневска на денешната трибина во Владата ги посочи угостителството, градежништвото и производството.

6,581

Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2025 година, кој неодамна го промовираше Владата, предвидува и обуки за побарувани занимања што ќе ги спроведуваат обучувачи верифицирани од Центарот за образование на возрасните. Ќе бидат опфатени 600 невработени лица, а за мерката е обезбеден буџет од 70 милиони денари, рече денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, на трибината во Владата за Оперативниот план, „Визија за промена“.

Избраните невработени лица, рече министерката, ќе посетуваат обука која ќе трае 3 месеци и ќе добиваат по 12.000 денари месечно. Обучувачите пак, кои ќе бидат од листата на верифицирани спроведувачи на обуки, ќе добиваат по 30.000 денари од обучено лице.






– Во суштина оваа мерка е дел од неформалното образование базирано на концептот на доживотно учење, кое има сè поголема важност и отвара пат за секој еден човек, особено за повозрасните да можат да стекнат одредена вештина, да се надградат или преквалификуваат, за да можат потоа полесно да се снајдат на пазарот на трудот. За жал, населението ни старее и мораме да се фокусираме на сите, покрај учениците и студентите. Наталитетот е низок и имаме многу иселени во изминатиот период. Ќе споделам дека во 7 години на претходната Влада, имаме 17.000 ученици и 7.000 студенти помалку – рече Јаневска.

Како занимања во кои недостасува кадар таа ги посочи угостителството, градежништвото и производството.

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече дека Владата прави сè младите луѓе и нивните семејства да бидат задржани во Македонија.

Со Оперативниот план, рече тој, Министерството за социјална политика, демографија и млади ќе придонесе што повеќе млади луѓе да останат во државата, а со тоа ќе се формираат повеќе семејства, што директно ќе влијае на подобрување на демографската ситуација.

– Како држава, нашиот прв приоритет треба да биде да ја доведеме ситуацијата на нула и, потоа, со системски решенија, да почнеме да градиме позитивен тренд. Демографијата е една состојба со која се соочуваме во Македонија во изминатиот период. Правиме максимум, пред сè, младите луѓе и нивните семејства да бидат задржани тука, во Македонија. Министерството за социјална политика, демографија и млади се трансформираше, ја стави демографијата на агендата, за да биде значаен сегмент од нашето работење. И преку самиот Оперативен план имаме можност да помогнеме младите луѓе своето работно место да го најдат, тука, во Македонија – рече Велковски.

Фото: Влада на Македонија

 

Сето она што е опфатено како мерки од самиот Оперативен план, се елементи од самото министерство, рече тој.

– Мислам на сите оние, чинители, за коишто министерството има обврска да се грижи. А тоа се приматели на одредена гарантирана минимална помош, жените Ромки, лицата со попреченост и сите останати, коишто буквално во секоја една мера се застапени и можат да бидат корисници. И тоа е добро за да може секој еден од нив, пред сè, како чинител во општеството, да излезе токму од тој денешен предизвик што го имаат. Дали е тоа од сиромаштијата во која се наоѓаат или во состојбата на попреченост – имаат можност да станат дел од вработување, а потоа, нели, и од самиот круг на социо-општествено живеење – рече Велковски.

Со сето ова што го работиме, додаде тој, поставувањето правна држава, поставувањето вакви мерки коишто се надоградени со подобри услови, токму за најмладите и оние до 29 години, отвораме можност да останат тука, во Македонија, да можат да бидат дел од системот за вработување и својот живот и семејство да го креираат тука.

– Со тоа, и одговорот, претпоставувам, дека на дел од прашањето за демографијата се темели на тоа, да колку повеќе млади луѓе останат тука, толку повеќе семејства ќе се формираат во Македонија, што ќе има директен позитивен ефект на демографијата – рече Велковски.

Директорот на Агенција за вработување, Сељатин Бељули, преку која ќе се реализира Оперативниот план, вели дека интензивно се подготвуваат за неговата реализација.

– Подготвени се сите материјали, потребни документи за тоа, подготвен е и софтверот на Агенцијата. На централно ниво ќе се следат сите активности кои што ќе се одвиваат. Јавните повици ќе се објават со еден план и роковник којшто ќе го определиме и дефинираме. Чекаме решение од Комисијата за заштита од конкуренција, дали можеби некоја од активните мерки се судрува со Законот за заштита од конкуренција. Кога ќе го добиеме тоа решение, ќе почнеме со реализација на активностите – информираше директорот Бељули.

Индикаторите е лесно е да ги дефинираме, бидејќи самиот Оперативен план ги дефинира, додаде тој.

– Главниот индикатор би бил вработување на 3.500-4.000 невработени лица. Потоа, вклучувањето на минимум 40 отсто од младите во овој Оперативен план од 16.000 лица. Индикатор имаме и за еднаквиот третман на половите, каде минимум 50% од корисниците на овој ќе бидат лица од женски пол. Имаме индикатор кој вели дека  5 отсто од општиот број на лицата треба да бидат од ромската етничка припадност.  За самовработувањето таргетот е 1.703 лица да отворат свои бизниси преку грант кој ќе го поддржиме – рече тој.

Тој напомена дека граѓаните и невработените лица, работодавачите и сите партнери коишто учествуваат во реализација на Оперативниот план ќе бидат уверени во транспарентноста на процесот.

Поврзани содржини