ЗА НУЛА ЖРТВИ НА УЛИЦИТЕ Градот ќе изготви стратегија за безбеден сообраќај

Стратегијата и плановите ќе вклучуваат мерки за подобрување на инфраструктурата, образованието, контролата и на истражувањето незгоди, , соопшти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје.

43

Во согласност со програмските определби во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, Градот Скопје почнува со активности околу подготовка на Градска стратегија за безбеден сообраќај, соопшти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Градскиот совет.

„Според кабинетот на градоначалникот на Скопје, градската стратегија за безбеден сообраќај ќе ги инкорпорира насоките од проектот „Визија 0“ на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Оваа стратегија е клучна рамка за намалување на сообраќајните незгоди, со цел да се подобрат безбедноста и сигурноста за сите учесници во сообраќајот, преку повеќегодишни планови и програми 2026-2030, во согласност со меѓународните стандарди. Клучна цел на стратегијата ќе биде намалување на бројот на жртви и тешки повреди во сообраќајот, а визијата ќе биде нула деца жртви во сообраќајот“, соопшти советничката група на Фејсбук.






Стратегијата и плановите ќе вклучуваат мерки за подобрување на инфраструктурата, образованието, контролата и на истражувањето незгоди. Ќе се дефинираат на повеќе години, со конкретни активности и цели за секој период. Постојано ќе се работи на унапредување на безбедноста во сите аспекти, од возачи до патишта и возила.

Во соопштението е пренесена изјавата на Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски:

– Здравјето и животот на скопјани се врвен приоритет на оваа градска управа. Во поставување на темелната политика за безбеден сообраќај ќе ги подобриме условите на најранливите групи. Како Град Скопје, ќе вложиме во политики и инфраструктурни мерки за побезбеден сообраќај. Спасувањето на животи во несреќа е херојско дело, но наша задача е да работиме паметно и да вложиме во превенција. Стратегијата ќе има посебно внимание кон програмата Safe to school со која ќе им се овозможи на децата безбеден пат од дома до училиште или до културните и спортски установи на градот – вели Димитровски.

Проблемите со кои се соочува градот не познаваат партиски бои, додава тој.

– Советниците имаат отворена покана да се вклучат како активни чинители во конструктивни решенија на проблемите на скопјани. Верувам во аргументирана дебата, а не во политички театар. Советот на Град Скопје треба да созрее во тело во кое се слуша гласот на граѓаните, без да се надмудрува. Во фокусот ни е Скопје и суштинските решенија, а дневнополитичките расправии ќе станат неважни. Советничките групи од мнозинството препознавме сродни определби во полето на безбедниот сообраќај со советничката од „Независни заедно“ и ја приоритизиравме оваа акција. Како што ветивме пред изборите, програмата за овој мандатен период ќе ја надополнуваме со заедничките ставови со другите кандидати. Секоја добра идеја и програма, ќе биде ставена на расправа – вели претседателот на Советот на Град Скопје.

Советничката Јана Белчева изјави:

– „Независни заедно“ подготви низа на предлози кои се однесуваат на сообраќајната безбедност, особено фокусирајќи се на најранливите учесници во сообраќајот, пешаците и на велосипедистите. Проблемот најмногу го чувствуваат сите жители на градот, а Скопје има лоши показатели и на низа регионални и европски анализи. До сега, иако постојат студии, стратегии и акциски планови, жртвите растат, а решенијата се парцијални и не се почнати системски и координирана активности, кои ќе придонесат кон нула жртви во сообраќајот. Задоволни сме што нашите барања и предлози и се препознаени и се поклопуваат со предлозите од градоначалникот, претседателот на Советот и мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ, со што е обезбедено да се вградат во новиот буџет за 2026 година – вели Белчева.

Поврзани содржини