ЗА НИВ ВЛЕЗОТ ВО МАКЕДОНИЈА Е КИНЕСКИ ЅИД Треба да учиме од Црногорците како да ги донесеме Кинезите
Моментално агенциите за дојдовен туризам носат кинески туристи во земјите од регионот каде што постапките за вадење виза се олеснети или има безвизен режим, што не е добро за туризмот во земјава.
Земјава речиси и да нема некаква полза од тоа што Кина ја вклучи во групата земји во кои можат да патуваат организирани кинески туристички групи поради тешката процедура за вадење визи, се жалат туристички работници.
Тие веќе со години бараат олеснување на визниот режим или укинување на визите за кинеските туристи кои организирано патуваат на Балканот.
– Кинезите кои вообичаено ги почнуваат туристичките тури подоцна веќе ги има на Балканот во рамки на кружните тури, но земјава е заобиколена бидејќи за влез на Кинези е потребна виза која тешко се добива. И покрај нашите барања да го олесни на некој начин визниот режим или да ги укине визите за туристичките тури од Кина државата не реагираше и останува тие да вадат визи за да можат да патуваат во земјава. Со ова ние губиме прилика да ја прифатиме една од најголемите туристички популации во светот – вели Дончо Нацевски од туристичката агенција „Арбо травел“.
За разлика од нас Србија, Албанија и Црна Гора изнајдоа решенија за визно олеснување или укинување на визите за туристите од Кина и од други земји и со тоа овозможија голем број Кинези да патуваат преку таканаречените балкански тури кои ги организираат двата најголеми кинески тур-оператори „Caissa Group“ и „Utour Group“.
Србија, според официјалните статистички податоци во првата половина од годинава ја посетиле 130.319 туристи од Кина и од Хонгконг, а очекувањата се дека ќе се надминат резултатите за бројност на кинески туристи од 2019 година кога ја посетија 150.000 кинески туристи. Според статистичките податоци, Црна Гора во првата половина од годинава ја посетиле 13.847 кинески туристи. Во земјава во истиот период се регистрирани само 407 туристи кои најверојатно се бизнис туристи.
– Добро е што сме ставени на списокот на земји во кои можат да патуваат кинески туристи, но не е добро што нашите институции сè уште се колебаат дали да дозволат некакви поволности за туристите при вадењето виза за да можеме да оствариме некаков приход и од туристите од оваа земја. Не треба многу туку да се земе само начинот на кој Црна Гора го реши проблемот, а тоа е да се определи група од туристички агенции на кои ќе им се даде можност да потпишат договори со кинеските најдоби тур-оператори и да им се даде право да издаваат туристички визи. Овие туристички оператори би соработувале како што реков со ADS (еј ди ес) центрите во Кина и конзуларните претставништва. Со тоа би се овозможило регулирано и контролирано издавање на визи само за туристичка цел односно за групни патувања во земјава. На овој начин и ние би можеле да се вклучиме во балканските тури преку кои се остваруваат кинеските посети – вели Влатко Сулев, претседател на Националното здружение за дојдовен туризам во Македонија (НАИТМ).
Сулев додава дека моментално агенциите за дојдовен туризам носат кинески туристи во земјите од регионот каде што постапките за вадење виза се олеснети или има безвизен режим, што не е добро за туризмот во земјава.
– Жално е што ние веќе носиме кинески туристи во тури во кои се посетуваат Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, но не можеме да ги донесеме во земјава бидејќи имаме ригиден визен режим. Но, го правиме тоа, бидејќи треба да работиме. Да потсетам само дека податоците кои ги кажувате за Црна Гора за 6 месеци во оваа земја носат приход од најмалку 50.000 ноќевања кои до крајот на годината ќе се удвојат или ќе се добијат уште повеќе, а да не зборуваме за пропратните трошоци што ги прават туристите. Ние го губиме сето тоа, а не правиме напор ништо да се промени – додава Сулев.
Тој потсетува дека како здружение неколку години туристичките работници заедно со Агенцијата за промоција на туризмот бараат од институциите да најдат начин како да се олесни визниот режим за туристите од Кина која е една од најголемите туристички нации која троши огромни пари за патување, но одговор оттаму нема.
Поради визниот режим кој произлегува од договорот со Европската Унија, туристичките работници не можат да носат туристи од други големи земји од каде што сѐ поизразено се патува.