ЗА НЕПОЛН МЕСЕЦ 106 ШУМСКИ ПОЖАРИ Владата ќе ги обесштети граѓаните
Изгорени се објекти. Од страна на општините формирани се комисии кои ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обештетени. Штетите се навистина мали имајќи го предвид обемот на пожарите - вели Ангелов.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција рече дека од 26 јуни до денес имало вкупно 106 шумски пожари, од кои најлошиот ги зафати Берово, Пехчево и Делчево, притоа додаде дека активно се подготувува план за реформи, чија цел е поставување на единствен систем за управување со кризи.
– Активно подготвуваме план за реформи и ќе формираме широко тело кое ќе се зафати со нив. Се надевам дека во следните неколку месеци ќе успееме да ги поставиме основите на единствен систем со управување со кризи – информира Ангелов.
Директорот Ангелов исто така се осврна и на штетите причинети од пожарите.
– Изгорени се објекти. Од страна на општините формирани се комисии кои ќе ја утврдат штетата и граѓаните ќе бидат праведно обештетени. Штетите се навистина мали имајќи го предвид обемот на пожарите. Благодарение на активната кампања на ЦУК и со огромна поддршка на медиумите свесноста на граѓаните е на значително повисоко ниво. Со овие активности беше подигната забрана за движење во шуми која помогна. Ја разгледуваме и ќе побараме да биде тргната или ублажена доколку состојбата биде стабилна. Голема поддршка дадоа и единиците на АРМ и МВР – посочи Ангелов.
Тој истакна дека ЦУК и Главниот штаб искажуваат голема благодарност до сите граѓани кои ги послушаа нивните апели, како и до оние кои учествуваат во активно гаснење на пожарите. Директорот на ЦУК искажа благодарност и до пилотите на армиските хеликоптери кои, како што кажа, го носат товарот на оваа криза и до сите пожарникари кои покажаа голема пожртвуваност. Тој им се заблагодари и на сите вработени во ЦУК, на Национални шуми, на АРМ и на сите остантати институции.
Моментно активни се пожарите на потегот од село Буковиќ кон Чајлане, кој според Центарот за управување со кризи (ЦУК), е активен и после осумдневно активно постапување на домашните и странските хеликоптерските служби. На помош на единиците на МВР и француските експерти вчера се приклучил и хеликоптер од Црна Гора, кој извршил 12 налета испуштајќи поголема количина на вода. За институциите главен проблем за целосно гасење на овој пожар претставува повеќеметарско одалечено повторно потпалување, односно тлење.
Друг поголем активен пожар во државата веќе втор ден има во околината на Општина Центар Жупа. Од овие причина денеска наутро во координација на Главниот штаб на ЦУК, ќе бидат активирани два хеликоптера, 40 припадници на Армијата, 30 припадници на специјалните полициски сили, 15 припадници на ЈП Национални шуми, како и две територијални против пожарни единици и еден тим на Дирекцијата за заштита и спасување да помогнат во справувањето и ставањето под контрола.
Меѓу останатите, во тек на вчерашниот ден се ставени под контрола неколку други помали пожари, помеѓу селата Барово и Вешје, тој во близина на планинарскиот дом Китка, како и пожарите во Кратово и Гевгелија.
Поддршка на ЦУК даваат тројца инструктори од САД, додека француските експерти се вратија дома каде што исто така избија пожари.