За неписмените „црвени линии“

Ќе беше многу појасно и поприфатливо ако врхушката на овој куќен совет денес одмолчеше, или барем предложеше некаков документ, проследен со извинување за далекусежните глупости што ги направија, со којшто ќе се обидоа да ја олеснат настанатата ситуација во државава не само на внатрешен, туку особено на надворешен, односно евроинтегративен план. И да, тоа ќе значеше делумно, ако не баш целосно, повлекување од онаа будалаштина викана „француска рамка“, но барем национално ќе беа помирни. Ама не, суетата е поголема од умот, а безумието е - шампион!

208

Да бидам искрен, речиси цел месец „се мачам“ со „црвените линии“ на оној Филипче, обидувајќи се да смислам: кому тие воопшто му требаат или би требале нешто да му значат? Не велам дека ми го земаа сонот или апетитот, ама толку викотници околу ништо, едноставно не можам да разберам. Зашто, прво, таа провинциска дворска камарила не може да смисли ништо конструктивно, не пак умно. Второ, не морам да трошам време и меморија да кажам со сигурност дека во периодот 2017-2024 година тие не ја есапеа за жива тогашната опозиција – ама сега власт – ниту пак размислуваа да прифатат некакви нивни црвени или плави линијки. Тие беа толку арогантни и самобендисани, што протуркаа сè што нивните (но, и на оние околу нив) шупливи глави смислуваа за земјава – од менување име до разноразни идиотски договори и протоколи, „рамки“ за нивни корумпирани автопортрети и секакви други будалаштини!

Протуркаа сè за што немаа ама баш никаков мандат од гласачкото тело што ги донесе на власт – вклучувајќи ги тука и „Боки 13“ (барем така се фали!), Катица и компанија и други – а ги оставија недопрени клучните нешта за коишто сега ги саскаат нивните клиентелистички загари, меѓу кои и најважното нешто – реформите. Но, за нив во некоја друга прилика.






Меѓутоа, со сета добра воља – којашто, признавам, не е голема – се обидувам да смислам умен одговор кому би му биле денес важни „црвените линии“ на еден Филипче, на еден (па нека е и) реномиран хирург, кој онака малоумно залегна на челото на една некогаш сериозна партија, сега киднапирана од него и од еден грст жени! Ќе простите, но ова нема ама баш никаква врска со некаква мизогинија, меѓутоа ниту една од „госпоѓиве“ нема ниту ден стаж во „високата политика“, па ни во „ниската“. Немаат дури ама баш ништо заедничко со политиката, освен што се – амбициозни. Но, за што? Па македонската „политика“ јаде живи луѓе, не пак „слаби“ жени. И не се баш сите махерки како Шеќеринска, нели?!

Но, имајќи го ова предвид, сè ми се чини дека „црвениве“ линијки ќе се самообојат во розово, ако веќе не се – „червени“ (Геровски). А впрочем: има ли разлика? И повторно: не имплицирам дека „женскиот оркестар“ во куќниот совет влече кон источниот сосед, туку само дека нивното политичко „искуство“ тешко дека може да ги согледа сите политикантски игрички што им ги смислиле нивните „машкуданци“.

И да се вратам на линиите и нивното значење за македонската политика. Поточно на прашањето: какво значење може да имаат некакви „линијки“, или точки и запирки, на една „партија“ која не е поголема од куќен совет? Дури и во македонски услови, зашто со бројноста на нивното членство – или оние кои го „изгласаа“ Филипчета за претседател на куќниот совет – и нивната ефективна застапеност во Собранието, но и со нивното неодамнешно минато како власт, тие би требало да седат таму благодарни што никој, барем за сега, не ги гони, а особено што некои ликови од онаа греотка викана „Шарена револуција“ се сепак мирољубиви и не ги чекаат надвор со безбол палки или железни шипки!

Ама не, тие се научени да се кочоперат, се залажуваат дека двоецот Заев-Филипче е пандан на Бранко-Киро, дека зад нив стои некакво членство, дека нивниот глас допира некаде подалеку од Бихаќка… Како да не, каква илузија! Не дека и вториве спомнати – Бранко/Киро, де – беа некаков политички репер за регионот или за Европа, ама, прво, беа поумни, и второ, беа подобри политички пливачи. Но, и времето беше поинакво! Денес и тие ќе се удавеа во светската поплава на глупоста.

Понатаму, ќе беше многу појасно и поприфатливо ако врхушката на овој куќен совет денес одмолчеше, или барем предложеше некаков документ, проследен со извинување за далекусежните глупости што ги направија, со којшто ќе се обидоа да ја олеснат настанатата ситуација во државава не само на внатрешен, туку особено на надворешен, односно евроинтегративен план. И да, тоа ќе значеше делумно, ако не баш целосно, повлекување од онаа будалаштина викана „француска рамка“, но барем национално ќе беа помирни. Ама не, суетата е поголема од умот, а безумието е – шампион! И во македонскиот тип на „демократија“ секоја политикантска шушумига има право да предлага „црвени линии“, па и кандидати за градоначалничка функција со само два потписи!?! И тоа тие го оправдуваат со поимот демократија, нешто што ама баш никако не го разбираат, уште помалку сакаат да го разберат. Тој и вака искривен поим го воведуваат секогаш кога тие не се власт, со цел да внесат смут, недоразбирање, конфузија во процесите!

Но, ајде нека биде така, ајде оној бивш сдсм (малите букви се…), независно што сега е на рамништето на еден куќен совет, нека има право да предлага некакви „црвени линии“ после сè што направи во и со државата во времето на нивното седумгодишно дивеење. Меѓутоа, што тогаш ги спречува другите партии – Левица, ЗНАМ, ВЛЕН, дуи (малите букви се…), па дури и она друштво со ограничена одговорност што се нарекува ЛДП – да предлагаат свои „црвени линии“? И зошто тоа не го прават или им се допаѓаат оние што ќе ги предложи куќниот совет? Тоа прашање останува целосно нејасно! Толку ли другиве се поглупави од куќниот совет, толку ли се незаинтересирани за иднината на државата, но и за нејзината сегашност, па сè препуштаат во нежните раце на феминизираниот корпус на раководството на некогашната сдсм, но сè  уште на чело со регресивната селска варијанта на Македонија во 21-от век?

На крајот, да ви заштедам труд и време: не ги отворајте „црвените линии“ на куќниот совет. Зашто, кога ќе ја видите првата реченица, па и втората, ќе добиете можеби агресивен нагон некого да „суредите“ зашто залудно ви го арчи времето или ќе паднете во длабока депресија од којашто нема враќање!

Зошто? Бидејќи понеписмено нешто одамна не сте причитале, бидејќи кога некој толку време квали некаков документ очекувате барем да биде писмено составен, па и малку сериозен, бидејќи… Поточно, „документот“ започнува вака: „Имајќи предвид дека проширувањето на Европската Унија е повторно актуелно на ниво на ЕУ со реална и опиплива можност за нови држави членки во наредните неколку години, до 2030 година.“ Молам? Како точка? Па реченицата започната со „имајќи предвид“ е сложена условна и мора да има некаква завршница! На пример: имајќи предвид дека се случува ова…, ние предлагаме тоа и тоа. Или слепциве виделе дека странските резолуции и други документи започнуваа со having in mind, или bearing in mind, или considering that…, но завршуваат со запирка, не со точка ако нема соодветно објаснување! Ама не, тие знаат подобро, па продолжуваат: „Особено имајќи го предвид забрзаното темпо на преговори за членство во ЕУ и придобивки на Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина како држави кои преговараат за членство во ЕУ“. Што „особено имајќи предвид“, што сакате да кажете? Има и уште: „Следејќи ја определбата и поддршката на огромното мнозинство (70%) од граѓаните на Северна Македонија за членство на државата во ЕУ“. Да се чудиш на глупоста и на цела екипа неписмени универзитетски професори!

Поманатаму не мора да читате!

Поврзани содржини