ЗА НАПУШТАЊЕ ЖИВОТНО – КАЗНА ЗАТВОР ДО ЕДНА ГОДИНА? Хрватска ги заостри законите за заштита на животните

За измачување животно може да се добие затворска казна до три години, а воведена е и нова безбедносна мерка - забрана за чување и стекнување животни во период од една од пет години.

393

Хрватските пратеници во четвртокот го изгласаа конечниот предлог за измени на Кривичниот законик со кои меѓу другото се воведува ново кривично дело – напуштање животни.

Тој што ќе остави домашно животно, домашно милениче, одгледувано диво животно и друго животно што треба да се чува под надзор, ќе се казни со затвор до една година.






Доколку, пак, дошло до смрт на животно поради напуштање или биле напуштени поголем број животни, сторителот ќе се казни со затвор до две години.

Тоа е историска одлука за животните и резултат на големата вклученост на здружението Пријатели на животните, кое во 2021 година покрена петиција со барање чинот на напуштање на животните да се третира со затворска казна.

Здружението е задоволно и затоа што Министерството за правда и администрација покажа дека е во чекор со заштитата на животните во другите европски закони. Имено, го прифати нивниот предлог и во Кривичниот законик воведе нова безбедносна мерка – мерка забрана за чување и стекнување животни во период од една од пет години. Судот може да му изрече на лицето кое сторило кривично дело врз животно доколку постои опасност да стори исто или слично дело.

– Вклучувањето на оваа мерка е од исклучителна важност бидејќи многупати бевме сведоци дека насилниците по извршувањето на најтешките кривични дела врз животните набрзо се стекнуваат со ново животно, кое исто така го злоупотребуваат и со тоа остануваат траен социјален проблем и закана – објаснија Пријатели на животните.

Дополнителна причина за задволство е зголемувањето на казните за нанесување непотребна болка на животните или нивно изложување на непотребно страдање, како и за убивање и жестоко малтретирање на животните. Досега максималната казна беше до една година затвор, но сега тоа ќе биде до две години, а доколку овие кривични дела се сторени од личен интерес, сторителот може да добие затворска казна до три години.

Активистите за заштита на животните очекуваат дека овие законски измени ќе овозможат полесна имплементација и поефикасна заштита на животните во Хрватска. Тие ги повикуваат граѓаните да продолжат да пријавуваат секое напуштање и злоупотреба на животните за да може во пракса да се спроведат измените на Кривичниот законик.

 

 

Поврзани содржини