За Мухика и апологетите на скромноста
Наследството на скромните и трезвените луѓе треба да се одржува не заради минатото, туку заради иднината.
„Јас сум сепак земјоделец во душата“; „Му дадов смисла на мојот живот, ќе умрам среќен“; „Авангардноста е мојата судбина“ – Хозе Алберто Мухика Кордано, за повеќето познат како Пепе Мухика, беше филозоф, активист, герилец, левичар и политичар, но пред сѐ скромен човек, кој ни остави томови афоризми, но уште повеќе, една мисла, кохерентност и стил на живеење кои денес заслужуваат внимание и почит, пишува Ивор Мицковски за Дојче веле.
Поранешниот Тупамаро-герилец, светилникот на латиноамериканската левица, неколкупати министер и потоа претседател на Уругвај од 2010 до 2015-та, почина пред неколку дена, на 13-ти мај, ден кој за мене лично е особено важен затоа што се поклопува со прераната смрт на мојот татко Васил, кој беше голем борец за демократијата, слободната мисла, напредното и слободно општество, како скромен човек, вистински ерудит и пред сѐ трезвен аналитичар на минатото и на своето време. Заслужува да биде споменат и да не биде заборавен на 10 години од неговото заминување.
Од Мицковски до Мухика, овој текст им е посветен на обајцата, како апологети на скромноста и трезвеноста.
Најсиромашниот претседател на светот
Мухика беше инкарнација на една радикална идеја на трезвеност. И како претседател живееше во својата скромна селска куќа, откажувајќи се од претседателската палата, возеше стара сина „Буба“, и донираше речиси 90% од својата претседателска плата (8300 евра) на организации за волонтери и солидарност. Однесување кое денеска за некои е ПР, личен маркетинг или фолклор, но во случајот на „Пепе“ тоа беше само обична политичка кохерентност. Впрочем, роден е во екстремна сиромаштија и сакаше да биде нарекуван „најсиромашниот претседател на светот“. Неговите родители, кои имале два хектари обработлива земја, на крајот морале да ја продадат. Така Мухика се заљубува во цвеќињата и билките трансформирајќи се во искусен и докажан градинар.
„Не сум сиромашен. Сиромашни се оние на кои им е потребно многу за да живеат. Јас живеам со малку, затоа што сум слободен“, неретко изјавуваше за медиумите. Мухика беше страствен борец за социјална правда, отворено критичен кон доминантниот економски модел, неговите фетишизации и парадигми во општеството. Неговите зборови и животни избори јасно говорат за потрага по алтернативна егзистенција и пристап кон денешниот заулавен конзумизам и конзумеризам. Од тој аспект, Мухика е вреден за спомнување не заради минатото, туку заради иднината.
Во денешната ера на хипер-конзумизмот и зависноста од краткотрајни предметни и услуги, Мухика претставува еден контратенденциски модел, кој се покажува како единствен пат со цел да се избегне амбиенталниот и социјалниот колапс.
Благодарение на тетинот од мајчина страна, Агел Кордано, жесток националист и перонист, Мухика ќе развие страст кон политиката која ќе го обликува до крајот на животот. На почетокот на 60-тите, ќе се приклучи кон штотуку формираното „Movimiento de Liberación Nacional“, марксистичко-ленинистичката урбана организација инспирирана од Кубанската револуција и во одбрана на правата на одгледувачите на шеќерната репка. Организацијата ќе стане позната како „Тупамарос“ и со неа Мухика ќе учествува во бројни акции, меѓу кои и краткотрајната окупација на градот Пандо.
„Не можам да ја жртвувам благосостојбата на луѓето заради идеалите“
Тоа што е важно за Мухика е што секогаш се покажал како далечен од секоја системска идеологија, не приклучувајќи се ни кон социјализмот на 21-от век, прокламиран од Хуго Чавез и понесен од бројни јужноамерикански политичари. Делумно, ја споделуваше програмата и антиимперијалистичка борба, но никогаш и нивната идеолошка поставеност. „Еден од најголемите извори на знаење е здравиот разум“, епистемолошки говореше Мухика. „Проблемот настанува кога идеологијата ќе ја поставиш над реалноста. Тогаш реалноста те удира во глава и те фрла на земја. Јас морам да се борам да го подобрам животот на луѓето во конкретната реалност, и тоа да не го правам денес е просто неморално. Реалноста е таа! Се борам за идеали, но не можам да ја жртвувам благосостојбата на луѓето заради идеалите“.
Низ годините неговото име станува сѐ попознато. Уапсен е во 1979 година. Ранет е со шест куршуми. Разговарал во некој бар со свои пријатели, некој парохиец ги препознал како герилци, ја известил полицијата која ги опколила и почнала да пука. Ќе заврши во болница и ќе биде спасен од хирургот на смена, другар по борбата, Тупамар од ниските слоеви. За Мухика искуството било како да се верува во Бога, иако ќе остане доживотен атеист, ќе биде апсен уште барем трипати, особено откако еднаш бега од заробеништво.
За воената хунта Мухика станува опасен и тврдокорен непријател. Ќе биде осуден на 12 години затвор, најголем дел поминати во изолација, две поминати во дупка пониска од неговата висина, опкружен со стаорци и жаби. Ќе претрпи мачење, оскудност и болести, но на крај ќе се исповеда дека најголемата казна му било отсуството на книги. „Понекогаш, болката е позитивно нешто, доколку сме во состојба ја трансформираме во нешто поинакво. Затворот беше суров, но во исто време се пронајдов себеси“. Мухика ќе биде ослободен во 1985-та, од страна на демократските сили, кои во меѓувреме ќе надвладеат и ќе доделат општа амнестија за сите затвореници на режимот.
Мухика го промени Уругвај
По напуштање на вооружената борба, за која тврди дека никогаш не убил никого, Мухика ќе ја формира левичарската политичка партија Movimiento de Participación Popular (Движење за народно учество или МПП), за подоцна да стане пратеник, а потоа и сенатор. Помеѓу 2005 и 2008 година ќе биде министер за земјоделство, сточарство и рибарство, од старт наметнувајќи поинаков стил и суштина во водењето политика. 2009 станува претседател со речиси 55% од гласовите, изјавувајќи дека е комплетно излечен од „секое поедноставување, од црно-белата поделба на светот, од погледот дека постои само добро или лошо“.
Од социјален и општествен аспект, реформите на Мухика ќе го променат Уругвај, трансформирајќи го во модел за целиот континент. Во 2012-та, ќе успее да го декриминализира абортусот, голем чекор за една земја во која дотогаш во затвор завршуваа и докторот кој го практикува и жената која побарала абортус. Во 2013-та, се легализираат истополовите бракови, како и употребата на марихуана за рекреативни цели. „Абортусот е стар колку и светот, додека бракот меѓу исти полови е постар и од светот“, ќе каже Мухика. Лично, тој и жена му никогаш нема да имаат деца, бидејќи како што самиот ќе објасни, биле презафатени во обидот да изградат ново општество. „Припаѓам на генерација која се обидуваше да го промени светот“, ќе додаде Мухика.
Искрадена Македонија
Некои од животните пораки на Мухика делуваат преопшти и банални, но токму така прости се и нештата во секојдневниот живот. Споредете на секунда како живеат нашите политичари, како се однесуваат повеќето наши олигарси, колку милионери или милијардери создадовме само благодарение на транзицијата, приватизациите, одземањето, продавањето и раскрчмувањето на јавното и државното добро. Потсетете се колку бенефиции уживаат нашите политичари, колку пари земаат или крадат од државниот буџет, како најчесто влегуваат, а како излегуваат од политиката. Оваа наводна „Швајцарија на Балканот“, досега изгрицка и искраде три Швајцарии. Кој со бизниси или златни визи во Дубаи, кој со хидроцентрали, кој со имоти и пари, кој избеган, кој пребегнат после украдени милиони, спасени од пресуди или спасени преку менувања на закони, никој никогаш не одговараше за големата кражба на Македонија. Но, уште пострашно, се наметна една култура на криминал, корупција и непотизам, неодговорност и неказнивост, која сега го уништува и последното што на Македонија ѝ е останато, уште нешто млади луѓе и тој кутар буџет народни пари, кој немилосрдно се троши на глупости и на партиски интереси.
Ете, една од пораките на Мухика, ако досега не е јасно, е и дека на светот му е потребна културна револуција, не политичка револуција. Нема да се спасиме менувајќи закони и политичари, туку само менувајќи го нашиот менталитет, нашите желби и цели, нашата стрвност и бесрамност, нашето секојдневно однесување.
Потсетувањето на Мухика или на татко ми за мене, не е само нормална емотивност или носталгична гимнастика. Наследството на скромните и трезвените луѓе треба да се одржува не заради минатото, туку заради иднината. Таквите луѓе не ни недостасуваат само заради тоа што биле, туку заради тоа што го претставуваат. Кохерентност, јавен етос, лична етика, скромност, трезвеност и огромен труд и жртва за едно почесно, поправично и подостоинствено живеење.