ЗА МЕНЕ КОАЛИЦИЈАТА СДСМ-АЛИЈАНСА Е ЕСТРАДА Мицкоски вели „ни тие самите не веруваат во тоа“
Зарем некој во Македонија верува дека во овие 10-11 месеци може да се направи нешто, да се подобри квалитетот на живот, стандардот на граѓаните, да се случат структурни реформи. Дури ни тие сами не веруваат во тоа и затоа оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во којашто овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот, изјави Мицкоски при посетата на Општина Карбинци.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја поистоветува со естрада најавената можна нова владина коалиција со приклучување на Алијансата за Албанците и оценува дека таа нема капацитет за реформи. Тој се уште е оптимист за предвремени парламентарни избори и верува дека поддржувачите на владиното мнозинство, кои се „незадоволни од состојбите“, нема да ги поддржат министрите што би ги предложил премиерот Димитар Ковачевски. Тоа, вели, ќе даде одговор дали ќе има предвремени избори или ќе се оди на редовни.
Преостанатите 10-11 месеци до редовните избори, според него, нема да подобрат ништо, а изборите се нужност за „народот да избере политичари што ќе овозможат напредок на државата“.
– Теоретски кажано, според желбите на Ковачевски, на ДУИ и на тие кои сега се приклучуваат на оваа Влада, да речеме и да нема предвремени избори, имаме некаде околу 10-11 месеци уште колку би работела Владата. Зарем некој во Македонија верува дека во овие 10-11 месеци може да се направи нешто, да се подобри квалитетот на живот, стандардот на граѓаните, да се случат структурни реформи. Дури ни тие сами не веруваат во тоа и затоа оваа нова коалиција ја поистоветувам со естрада, во којашто овие политичари кои влегуваат во оваа владина естрадна коалиција имаат само една цел, а тоа е да задоволат неколкумина околу себе и да наместат уште неколку тендери за да можат да го ограбуваат народот. Таму нема капацитет за реформи затоа што јас такво нешто не видов во овие 5,5 години додека СДСМ е на власт – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при посета во Општина Карбинци.
Тој посочи дека предвремените парламентарни избори „се нужност, за да може народот да си избере политичари кои ќе ја водат Владата, ќе направат структурни реформи и ќе ја придвижат државата напред“ и кои, како што нагласи, „ќе градат, а не да крадат, како што се однесува денешната владина коалиција на ДУИ со СДСМ, а која гледаме дека ќе се проширува“.
– Сè уште сум оптимист, бидејќи сè уште има структури во пратеничката група на СДСМ и на останатите политички партии кои сè уште го поддржуваат владиното мнозинство и сè уште рефлектираат позиции дека се незадоволни од ова што се случува и оти ќе се охрабрат и нема да ги прифатат предлозите на Ковачевски што ќе ги номинира за министри. Самото тоа ќе даде одговор дали ќе имаме предвремени избори или пак ќе одиме на редовни избори следната пролет заедно со претседателските – рече Мицкоски, додавајќи дека единствената широка коалиција која би ја прифатил е таа со народот.
Запрашан за извештајот за борбата против корупцијата на Транспаренси Интернешнел, каде Македонија годинава напредна само две места, Мицкоски вели:
– Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија.
Според Мицкоски, уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
– Уште еднаш покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал, за жал – рече Мицкоски.
Единствена светла точка во државата, посочи, се општините каде градоначалниците се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ – истакна Мицкоски.
– Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија – вели Мицкоски.