За македонската политикантска „вештачка интелигенција“

Зашто, извинете, и без умисла да навредувам некого: ова што го читаме и слушаме деновиве од самото (квази)интелектуално јадро на таа „партија“ е чист „bullshit“, тотално неинтелектуално – да не речам и неинтелигентно! – „размислување“ не само за македонската актуелна ситуација (особено во поглед на резултатите од изборите, но и за македонските евроинтеграции), туку и за нејзиниот историски пат од 1991 година наваму и сл.

155

Сѐ уште актуелниот градоначалник на Општина Центар вели дека ќе дели ваучери за вештачка интелигенција бидејќи сакал да ги поттикне младите да стекнат нови вештини. За него интелигенцијата, па дури и да е вештачка, е – вештина. Којашто, очигледно, му недостасува. Но добро, гласајте си за него, но сепак ми се чини дека таа негова одлука е лошо лоцирана. Подобра е онаа другата: дека Општина Центар ќе ги зголеми за 50% стипендиите за талентирани ученици, што значи дека ја поттикнува природната интелигенција и што би бил добар потег ако тоа го направи и во рамките на куќнион совет што ја глуми неговата партија. Таму природната интелигенција е најниска, што ќе рече и – најпотребна!

Зашто, извинете, и без умисла да навредувам некого: ова што го читаме и слушаме деновиве од самото (квази)интелектуално јадро на таа „партија“ е чист „bullshit“, тотално неинтелектуално – да не речам и неинтелигентно! – „размислување“ не само за македонската актуелна ситуација (особено во поглед на резултатите од изборите, но и за македонските евроинтеграции), туку и за нејзиниот историски пат од 1991 година наваму и сл. А нивните мудрувања се протегаат и подалеку, дури до 1941 година! Не знам зошто не тргнале од 1903 година, навистина не ми е јасно, а можеле да се самопрогласат и за втемелувачи на идејата за независна Македонија? Зашто, нели, сѐ почнува со или од нив. Или нивниве „идеолози“ не можат да си ги следат корените толку во минатото? Ама не можат ни до вчера, но нејсе.






Притоа, отворено се манипулира и со некакви накарадни „филозофски“ небулози за Кант и да Емполи (каква споредба!), за актуелната геополитика и светските процеси во таа насока…, подметнувајќи секакви улични теории за непостоењето на моралниот универзализам, за политичарите кои владеат со државите, па и со светот… и слични будалаштини.

Поточно, веќе подолго време, токму од страна на македонскава вештачка интелигенција, во оптек се неколку памфлетни „лозунга“ за внесување дополнителен хаос во општеството. Првиот – што веќе го спомнав минатиот пат – е анархичниот повик дека „Правдата мора да се извојува!“, операционализиран врз трагедијата во Кочани како страотен пример на политикантска злоупотреба. Но тоа е сепак локална ситуација. Меѓутоа не е единствена: во многу наврати слушаме „пламени“ објаснувања за некакво лево антифашистичко историско наследство коешто веројатно треба да ѝ обезбеди идеолошка „државотворна линија“ на онаа булумента која од 1991 година глуми наследници на партизаните, на СКЈ и СКМ! Можеби се гледа и како некој нов Тито меѓу нас? И која денес спадна на оној куќен совет и неговата „пајтон интелигенција“ како водечки дел на македонската вештачка интелигенција.

Од друга страна, соодветен пандан се и обидите во нервозново совремие да се внесе голема доза на несигурност, страв, депресивност… од случувањата во светот, промовирајќи коекакви измислици за воинствената суштина на човекот/светот, дека „ никогаш немало ниту ќе има“ траен мир и морален универзализам… итн. Па во тој и таков контекст, „Ако Македонија не сака да остане во геополитички вакуум таа мора што е можно побрзо да се интегрира во Европската унија“! Но таа добро спакувана скарадност, се разбира, не е доволно провокативна бидејќи, случајно, и новата власт се обидува да ја одржи насоката во тој и таков интегративен процес. Но не по секоја цена, се разбира. Затоа во јавноста дополнително се пуштаат некакви смешни дообјаснувања, нови и во основа обесхрабрувачки тези дека не може „држава која бара членство во некаква организација, да ѝ поставува услови на таа организација за да стане членка!“ (sic). Брееее!

Впрочем, сето ова што деновиве го слушаме и/или читаме е еклатантно потценување на интелигенцијата на македонскиот граѓанин, но и повеќе: речито говори за интелектуалните капацитети на македонските „кадри“ во онаа самопрогласена социјалдемократска групација која сака да се гледа себеси како некаква доминантна политичка и интелектуална сила во државава. Вчера, и денес. И како таква, таа мисли дека некој нешто ѝ должи, можеби некакви ордени коишто тие не успеале низ годиниве да си ги закачат, дека таа е онаа сила што ја извела државата на вистинскиот пат – или ќе сме биле нечија провинција (sic)! – иако, де факто, во најголем дел од времето токму таквите беа во некакви дебели сенки (или ендеци, како сакате), коишто некогаш ги викаа – „јорган планина“. Но мислат дека времето работело за нив, дека луѓето заборавиле… Не, луѓето не забораваат, тие само, можеби, простуваат, или одбиваат на глупост. Ми се чини дека второво е во прашање!

Сето нивно вакво „идеологизирано“ пелтечење само долева сомнеж во нивната не само добронамерност туку и капацитетност сериозано да ги согледаат реалните односи во светот но и во Македонија.

Не знам дали е можно да се даде предност на некоја од глупостиве што циркулираат низ македонскиот етер во ова време, која од нив би била приоритетна како можна закана за државниот интегритет и општествена важност, дали надворешниот односно локалниот евроинтеграциски процес е доминантен денес наспроти идеолошкиот дискурс којшто тук-таму, но сѐ почесто, (ќе) се провира како трн во секојдневното ткиво. Со одредена цел, се разбира. А сепак, дури и да не потенцирам страни – зашто обете се еднакво важни – локалниот контекст некако се наметнува.

Па во таа насока, во наредните неколку текстови ќе се обидам да укажам на количеството глупости во тие тези и, за жал, огромниот волунтаризам во толкувањето на овие процеси, злонамерноста во обидите на јавноста да ѝ се подметнуваат секакви квази-интелектуални пелтечења завиткани во обландана на локален, но и со поширок опфат, експертски став.

И конечно, зошто вештачка интелигенција? Па, слушајќи/читајќи ги посочените нивни „ставови“, тие сѐ повеќе наликуваат на оние производи на т.н. ВИ за кои пишува почитуваната Колбе, а пласирани на некаква германскиа платформа базирана токму на фамозната ВИ: дека Гоце Смилевски е автор на романот „Последната ноќ во Париз”, дека Петар Андоновски напишал роман со наслов „Големата војна”, дека „Мостот на Дрина“ на Андриќ е „првиот историски роман во македонската литература“ и слични будалаштини. Нашава – сепак реална – македонска вештачка интелигенција умее од сѐ да направи таков историско-филозофски „гемишт“ што и онаа германскана платформа „Talkpal AI“ би ѝ позавидела. А згора на сѐ, овој дел од македонската политикантска вештачка интелигенција е редовно присутен во македонскиот „експертски“ етер со нивните искривоколчени ставови и „знаења“. И труе, и труе…

Поврзани содржини