ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ОД БУГАРИЈА НАДЛЕЖНИ СЕ БУГАРСКИТЕ ИНСТИТУЦИИ Претседателот не сака да ги лаже претставниците на ОМО Илинден
Им реков јас можам да ве лажам, јас можам да добивам популистички поени и рејтинг во јавноста да градам и да кажам, јас сега ќе ви помогнам тоа што не сте го направиле досега па место бугарските институции јас ќе ви ги овозможам тие права. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм дупло со тие луѓе кои се прилично измачени по трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад, рече Пендаровски.
Претседателот Стево Пендаровски ја коментираше неодамнешната средба со претставници на ОМО Илинден Пирин и други здруженија на Македонци во Бугарија, којашто предизвика реакција на бугарското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека таквата средба е во спротивност со договорот за пријателство во 2017 година.
– Средбата не беше спротивна на договорот. Ако некому му пречи, тоа не е мој проблем. Не мислам дека има нешто лошо во тоа и напротив ќе продолжам да се среќавам и со тие луѓе. Од друга страна, мојот колега, претседателот на Бугарија Румен Радев во повеќе наврати прими граѓани на Република Северна Македонија со бугарско самочувство кои живеат тука, ги прими во Софија и апсолутно не гледам што е проблемот и во таквите средби – изјави претседателот.
Пендаровски објасни дека на средбата со ОМО Илинден Пирин им дал директен одговор дека не може да им наложува на бугарските институции што да прават затоа што тие се државјани на Бугарија. Но, исто така порачал дека и за Бугарите кои живеат во Северна Македонија надлежни се македонските институции, а не бугарските.
– Им реков јас можам да ве лажам, јас можам да добивам популистички поени и рејтинг во јавноста да градам и да кажам, јас сега ќе ви помогнам тоа што не сте го направиле досега па место бугарските институции јас ќе ви ги овозможам тие права. Тоа би било огромна измама од моја страна и не сакам да играм дупло со тие луѓе кои се прилично измачени по трагањето по своите човекови слободи и права децении наназад – рече Пендаровски.
Претседателот го изнесе и својот став за отворањето на Уставот – вели дека највисокиот правен акт не треба да се отвора премногу често, туку само кога навистина има причина за тоа.