ЗА ЛАЈКА „ЦЕЛИ“ 32.500 ЕВРА Општина Центар го усвои Буџетот
„Доколку на дело се покажат вистински резултати во работењето на претпријатието и менаџирањето на проблемот со бездомните кучиња, постои подготвеност за одвојување и повеќе буџетски средства“ - се вели во соопштението на Општина Центар.
Општина Центар на денешната седница на Советот со 17 гласа „ЗА“ и 1 „воздржан“ го донесе Буџетот за 2023 година кој изнесува 740.132.000 денари.
Меѓу останатите денешни точки на дневен ред изгласан беше и предлогот од Буџетот на Општина Центар да се одделат 2.000.000 денари за ЈП „Лајка“.
„Во интерес на граѓаните, овие средства се одвојуваат со цел зачувување и обезбедување на бездомните кучиња. Притоа советниците беа согласни дека доколку на дело се покажат вистински резултати во работењето на претпријатието и менаџирањето на проблемот со бездомните кучиња, постои подготвеност за одвојување и повеќе буџетски средства“ – се вели во соопштението на Општина Центар.
Јавното претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“ подолго време се соочува со финансиски проблеми во работењето, а се повеќе граѓани реагираат на проблемот сo уличните кучиња, кои ги има многу, а чести се каснувањата на граѓани. Деновиве за да се справи со проблемите „Лајка“ организираше хуманитарна акција на која граѓаните донираа потребна опрема за грижа за кучињата. Исто така, од неодамна во прифатилиштето за улични кучиња на „Лајка“ почна да се шири болеста кучешка чума.