ЗА КУЌА ОД 100 КВАДРАТИ ВО ЦРНИЧЕ ЌЕ ПЛАТИТЕ 6600 ЕВРА ПОМАЛКУ Кисела Вода ги ослободи од комуналии младите брачни парови

Со овој чекор ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

450

Ако сте млада брачна двојка можете да градите куќа во Кисела Вода без да платите комуналии.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја промовираше мерката „Кисела Вода – адреса за заеднички дом со која брачните парови до 40-годишна возраст кои немаат друг имот ќе бидат ослободени од плаќање на надоместокот за уредување на градежно земјиште.






За куќа од 100 квадрати во Црниче, ослободувањето ќе изнесува 6.600 евра.

Се работи за мерка која претставува директен одговор на потребите на младите брачни парови кои се стремат да изградат свој дом во нашата општина и претставува значаен чекор напред во борбата за демографска обнова на Република Македонија. Ослободувањето од плаќањето на комуналии е на ниво од 40% за објекти во рамките на ГУП на град Скопје и 100% за објекти надвор од ГУП. Илустративно, за изградба на куќа од 100 квадратни метри во Црниче, младата брачна двојка би добила финансиско ослободување во износ од 6600 евра, додека во село Драчево, за истата квадратура, ослободувањето би било 5000 евра – рече Ѓорѓиевски.

Условите за изградба на објекти со намена А1 домување, односно куќи, се едноставни. Инвеститори мора да бидат двата брачни другари, кои не се постари од 40 години, да немаат друг објект во нивна сопственост и да не водат постапка за легализација на дивоградби. Проектот треба да содржи само една станбена единица и инвеститорите мора да склучат договор со општината дека нема да го отуѓуваат објектот во рок од 10 години .

Дополнително, во наредниот период, ќе бидат обезбеди три типски проектни документи за куќа од 80, 100 и 120 квадрати, кои бесплатно ќе може да се симнат од општинската веб страница.

Оваа одлука вчера доби мнозинска поддршка од Советот на нашата општина, за што во овој момент сакам да упатам голема благодарност до советниците. „Кисела Вода – адреса за заеднички дом не е само мерка, туку и визија за заедничка иднина – изјави градоначалникот.

Тој рече дека се надева дека овој чекор ќе го следат и другите општини.

– Со овој чекор ние придонесуваме за демографскиот развој на нашата држава, која се соочува со значајни предизвици во контекст на депопулацијата и одливот на млади и образовани луѓе. Впрочем и Владата на Република Македонија го постави демографскиот развој како клучен приоритет за стабилноста и економскиот напредок на нашата земја и секој од нас е должен да вложи максимални напори за да ја поддржиме нашата младина да остане овде, да создаде дом и семејство-потенцираше Ѓорѓиевски.

На прес-конференцијата тој ја истакна и компонентата за родова еднаквост во овој проект.

Според податоците, само 27% од сопствениците на недвижности се жени, и затоа, со предлог-одлуката која бара двајцата брачни другари да бидат инвеститори, ние создаваме услови за поголема еднаквост – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини